По написот на „Фокус“ дека околу 80 бебиња починале на Клиниката за гинекологија за 6 месеци, а само 20 во последните две недели” со реакција излегоа од Управата на ЈЗУ Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство-Скопје. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:
Клиника остро реагира на написот заради необјективни и непроверени податоци кои се изнесени во истиот. Во исто време Ве информираме дека Директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство-Скопје не е контактиран ниту телефонски ниту преку СМС за податоците кои се изнесени во написот на Фокус. ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство-Скопје е терциерна здравствена установа која годишно има 5500-6000 раѓања, иако во првобитно проектираниот нов објект проценетиот капацитет беше 3500 раѓања. Во интерес на здравјето на населението на Република Македонија клиниката користи значително повеќе од проектираните капацитети, без притоа да бидат нарушени светски прифатените протоколи за работа.
Во работата на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство-Скопје учевствуваат 470 вработени кои 24-часовно крајно професионално си ја извршуваат својата работа, зависно од работната позиција на која се распоредени. Токму заради заштита на интегритетот на овие вработени ние како институција цениме дека е неопходно да реагираме на непроверените податоци кои се изнесени во медиумите. Нашата целокупна работа е јавна и достапна преку годишните извештаи на Републичкиот завод за статистика, кои се објавуваат на крајот на секоја година. Важно е да се спомене дека според официјалните податоци на заводот доенечката смртност во Република Македонија има тренд на опаѓање, во 2004-та година 13.2 промили, додека пак во 2015 година бил 8.5 промили.
Користење на дел од податоците, сеуште неофицијални и необработени, и нивно ставање во контекст на напад на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство-Скопје го сметаме како навреда за целиот колектив, односно за вработените кои секојдневно во 24-часовен континуитет совесно ја извршуваат својата работа. За да не се објавуваат сензационалности, како објавените на fokus.mk, добро е да се комуницира со професионалците кои стручно и аргументирано ќе ги изнесат официјалните податоци. Проблемот на перинатална смртност е сложен и опфаќа повеќе ризик фактори кои влијаат на него, фактори од страна на мајка, плод и постелка. Процентот на перинатална смртност е висок и во побогати и поразвиени земји од нашата, претставува проблем со кој и тие тешко се справуваат.
ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство-Скопје е единствена терциерна здравствена установа која што ги згрижува сите деца, од цела територија на Република Македонија, според проектот на Светска Банка и Министерство за здравство за превенција на прематуритет, транспортот на овие деца се врши in utero само и единствено на УГАК. Постојат многу фактори кои го влошуваат перинаталниот морталитет, како што се нередовни контроли кај матичен гинеколог, нетретирани инфекции кај мајката, за кои проблеми ние преку стручните здруженија континуирано настојуваме да се решат и надминат. Во однос на конкретниот случај за пациентката, за која спротивно на закон изнесовте податоци, остро реагираме на начинот на кој идентификационите податоци се изнесени во медиумот fokus.mk.
Матичниот број на клиничка историја на болеста е податок кој подлежи на законот за заштита на лични подароци и закон за медицинска документација. Очекуваме од институциите на системот да покренат постапка против медиумот за изнесување на овие податоци, како и за нарушување на угледот на клиниката. Во интерес на заштита на личните податоци на пациентката ние ќе одбегнеме понатамошно изнесување на податоци во јавноста со цел да се спречат понатамошни манипулации и злоупотреба на истите. Но сепак поведени од Хипократовата заклетва ве информираме дека кај пациентката е постапено крајно стручно и професионално, првенствено во интерес на здравјте и животот на мајката. На крај во интерес на вистината и само вистината Уптравата на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство-Скопје им стои на располагање на сите заинтересирани и овластени лица да направат увид во официјалната докуметација.