Тетовскиот алпинист Надир Мурсели е еден од многумината македонски државјани кои заминаа за Турција, да помогнат по разорниот земјотрес од кој беше погодена и Сирија.
Тој со автобус замина за Турција и веднаш се вклучил во акцијата за спасување на повредени луѓе по оваа природна катастрофа.
Како што вели тој за „Фокус“, состојбата на терен е ужасна, има многу мртви луѓе и причинета е огромна материјална штета. Се надева дека ќе биде од голема помош за спасувачките екипи за да се пронајдат преживеаните од оваа катастрофа.
„Состојбата е многу лоша, има многу мртви луѓе и се надеваме дека ќе спасиме повеќе лица од под урнатините. Случајно се најдов со тимот од Република Српска и кога дознаа дека сум сам, тие ме зедоа со нив“, раскажува Мурсели за нашиот медиум.
Вистинска позитивна енергија на спасувачите дава и кучката Тора која со сите сили се труди да пронајде повредени жители на најпогодените региони.
„Таа беше малку повредена, исечена на еден дел од телото. Тора е вистинска хероина, ги наоѓа луѓето по мирис во урнатините. За жал, за некои е доцна, но Тора дава позитивна енергија на сите присутни. Луѓето тука работат многу, се борат со се и сешто да ги извлечат повредените. Многу се израдував што наш тим од Македонија помогнал во пронаоѓање на детенце“, го заврши разговорот Мурсели.
Досега во земјотресот има над 21.000 загинати и повеќе од 78.000 повредени лица, а многу екипи од Европа испратија помош за погодените предели од овој катастрофален потрес.
Јорданчо Цветаноски
Фото – Надир Мурсели