За „Фокус“ од Лондон: Училиштата работат за деца чии родители мора да одат на работа

by fokus

Со цел детално да дознаеме како функционира Обединетото кралство во време на пандемијата со корона вирусот, разговараме во Весна Николовска која веќе седум години живее во Лондон. По професија е германист, а во Лондон работи како наставник по современи јазици во едно средно училиште. Детално ни раскажа како фунционира секој сегмент од животот на луѓето во Обединетото кралство, со фокус на образованието.

Разговараше: Катерина Смилева

Училиштата се затворени, но се примаат деца на клучните работници

Официјално Обединетото Кралство прогласи карантин или lockdown како што овде се нарекува на 20. Март и истиот стапи на сила на 23.03., најдоцна од сите Европски земји. Под карантин се подразбира забрана за излегување од дома, но дозволено е едно излегување за набавка на храна или лекови и еден вид на движење/рекреација како пешачење, трчање и сл. во времетраење од 1 час. Групирање на повеќе од 2 лица не е дозволено, додека носење на маска и ракавици не е задолжително, но многу луѓе ги користат. Доста е тешко да се набават, поради голема побарувачка. Задолжителното растојание е 2 метри.

Полициски час како таков не постои. Луѓето работат од дома. Училиштата се затворени за најголем дел од децата од 23.03., но отворени за деца на клучни работници, кои мораат да работат за време на пандемијата. Наставата за нив ја вршат само неколку наставници (бидејќи се многу малку деца) по системот на смени. Секоја недела се објавува распоред на смени за наставници.

Јавен превоз за клучните работници, растојание во супермаркетите

Јавниот превоз функционира само за таканречените клучни работници (здравствени работници, полиција, наставници, возачи во јавен превоз, возачи за достава на храна, продавачи во супермаркети и сл.). Во склоп на кампањата се апелираше интензивно да се работи од дома и да не се користи јавен превоз, освен ако не е апсолутно потребно, но на почеток некои приватни градежни компании ги принудуваа работниците да работат и со тоа да користат превоз, поради што беа изложена на остра критика. Моментално превозот функционира со околу 5% од капацитетот со тоа што возењето во автобус е бесплатно и се влегува на средна врата. До воведување на оваа мерка дојде откако околу 45 возачи на автобуси починаа од вирусот поради недоволна заштита, а бидејќи бесконтактното плаќање (во нормални услови) се врши со допирање на картичката на предна врата кај возачот.

Супермаркетите, продавниците за храна и аптеките, како единствени отворени продавници реагираа доста брзо и воведоа режим на чекање, т.е. редење надвор на растојание од 2 метри. Ова растојание е задолжително и внатре во продавниците и истото е јасно обележано со ленти. Се апелира да не се плаќа во готово, туку бесконтактно, но тоа е одамна воспоставено тука, така што и не претставува некоја промена. Рестораните работеа на почеток само со нарачки за достава, сега и тоа е драстично намалено.

Недостаток на заштитна опрема

Редовни лекарски прегледи кај општ лекар не се вршат, единствено можно е да се закаже видео консултација. Сите специјалистички прегледи се стопирани, со исклучок на луѓе кај кои има сомнеж за сериозно заболување (рак и сл.)

При појава и на најблаги симптоми, насоките се задолжително да се остане дома во изолација 14 дена, а и сите други членови на домаќинството.

Заштитната опрема за медицински персонал (маски, ракавици, престилки) и покрај бројни итни апели на Лекарската Комора е се уште дефицитарна и медицинските лица работат под голем притисок и се изложени на голем ризик и самите да се заразат. Досега починаа околу 100 од нив. Владата е изложена на секојдневни остри критики поради овој недостаток. Во екот на акутниот недостаток на заштитна опрема, се дозна дека Владата дозволила извоз на истата во ЕУ, бидејќи тие фирми се понудиле да набават опрема, но биле одбиени од Владата со образложение дека немале договор со нив. Исто така и недоволното тестирање, пред се приоритетно за медицински персонал е тема на критики. Тие самите си поставија цел до крајот на април да вршат по 100.000 теста на дена, цел која објавија дека ја постигнале последните два дена од април, но се испостави дека во оваа бројка се влезени тестови кои се пратени по пошта, но не и направени.

Се манипулира со бројките на заболени и починати

Исто така доста се манипулира и во врска со бројките на заболени и починати, како и со начинот на кој се презентираат. Од почеток се објавуваа бројки само од Англија и само од болници, па потоа ги вклучија и оние починати во старечки домови и домашни услови, па оние во Шкотска, Велс и Северна Ирска, па како ќе се наголемеше бројката, повторно ќе се вратеа на само на болнички бројки и така во недоглед. Факт е дека во Обединетото Кралство има убедливо најмногу починати од Корона вирус, околу 32.000 и дневните бројки се повторно околу 600-700. Про-владините медиуми објавуваат помали бројки, додека опозиционерските поголеми.

Владата е под голем притисок од страна на бизнис заедницата, бидејќи економијата трпи огромни загуби поради ситуацијата.

Постои висока свест за придржување кон мерките

Општо земено, постои висока свест и совесност во однос на придржувањето кон мерките, со поединечни исклучоци, особено на почетокот. Голем тест за тоа беше и се уште е убавото време, кога голем број население се упатува во паркови и природа. Се случи еден парк во јужен Лондон да го затворат по неколку часа од отворањето откако 4000 луѓе излегоа на прошетка. Полицијата патролира на железнички станици, запира патници и прашува за причините за патување, така да ако немате валидна причина за патување, може да ве казнат парично или да ве вратат т.е. спречат да патувате. Исто така се изрекуваат парични казни за брзо возење и преголемо оддалечување од домот. Една висока функционерка во Министерството за Здравство во Шкотска беше принудена да даде оставка откако се дозна дека во неколку наврати го посетувала својот втор дом кој бил оддалечен околу 90 милји (135 километри).

Образованието многу лесно премина на далечинското учење

Образованието во Обединетото Кралство е високо дигитализирано во сите сегменти, така што преминот кон далечинско учење одеше беспрекорно. И досега учениците вршеа голем дел од задолженијата онлајн, а редовен час во училиште е и онака Power Point презентација, со минимално користење на учебници по секој предмет.

Конкретната организација на далечинското учење е препуштена на самото училиште. Во моето училиште секој наставник е задолжен да постави час во форма на Power Point презентација на Microsoft OneNote и да го дистрибуира до сите класови на кои предава. Бројот на часови е истиот како и при редовна настава. Учениците имаат рок од една недела да ги завршат задачите, по што наставникот ги проверува и оценува. Исто така се пополнуваат табели на ученици кои не ги завршуваат задачите и директорот на училиштето ги известува родителите.

Сите ученици, како и наставници имаат службени имејл адреси преку кои контактираат. Наставниците имаат редовни неделни (видео) состаноци преку Microsoft Teams.

Во некои училишта наставата се одвива преку онлајн часови на апликациите Zoom или Duo, со што наставникот ги повикува учениците во одредено време.

Државните испити на 16 (GCSE) и 18 години (A levels – еквивалентно на матура), што требаа да се одржат во мај и јуни, се откажани за оваа учебна година. Учениците од други години ќе добијат крајни оценки формирани врз основа на досегашните и прогнозираните (тука е редовна пракса за секој ученик да се предвидува оценка).

Споредба на однесувањето на луѓето во Обединетото кралство и луѓето во Македонија

Ја следам ситуацијата од сам почеток паралелно и во Македонија во однос на тоа како луѓето се однесуваат за време на пандемијата. Додека тука претежно ситуацијата се сфаќа прагматично и луѓето се приспособуваат брзо на мерките и се потпираат на факти, забележувам пред се преку социјалните медиуми дека општиот став и перцепцијата на ситуацијата во Македонија доста се поврзува со теории на заговор во кој се вклучува воведување на 5G мрежата, биолошка војна, чипување, вакцинирање на целото население на земјата, произведување на вирусот во лабораторија, стапување на сила на Новиот Поредок и сл. Исто забележувам дека некои луѓе, како тука, така и во Македонија, не ги сфаќаат мерките многу сериозно, па се среќаваат со пријатели надвор од домот, патуваат, не го почитуваат растојанието од 2 метри – едноставно се однесуваат како да се на одмор, а децата на распуст.

 

Поврзани новости