За „Фокус“ од Холандија: Овде граѓаните меѓусебно се опоменуваат ако некој не ги почитува мерките

by fokus

Иако Светската здравствена организација дава препораки, сепак секоја земја сама си ја бира стратегијата за борба со корона вирусот. Тоа во голема мера зависи од капацитетите на здравствениот систем, но и од однесувањето и навиките на граѓаните. За да дознаеме како изгледа животот во време на корона во Холандија, од аспект на граѓаните, разговараме со Борјана Богатиноска, која живее во градот Мастрихт.

За „Фокус“ таа ја раскажа својата приказна, како од Македонија се преселила во Холандија, но и како таму граѓаните се однесуваат во време на пандемијата.

Фокус: Може ли споделиш неколку информации за себе: кога и зошто замина за Холандија, што си по професија и што работиш таму?

Богатиноска: Се викам Борјана Богатиноска, имам 25 години и доаѓам од Скопје. По професија сум градежен инженер со тоа што магистрирав на Градежниот факултет минатата година (2019) во март, на насоката по хидротехника. Како се роди мојата љубов кон Холандија е резултат на мојата љубов кон водата и водното инженерство. Како што најверојатно знаете веќе, Холандија е во голем дел под морско нив, и сепак, благодарение на неверојатните инженерски објекти, сеуште опстојува и е една од најразвиените земји во Европа. Ова ме интригираше уште од почетокот на моите студии, и затоа, со огромна поддршка од моите професори на градежниот факултет, успеав да добијам стипендија токму во еден од градовите во кој тие професионалци и инженери се фокусирани во најголема мера.

Како резултат на ова, во Холандија прв пат дојдов во 2018 бидејќи ми беше понуден престој на Институтот за водно инженерство во Делфт (IHE Institute for water education). Престојував три месеци и имав шанса да следам 2 курсеви и да ја работам магистерската теза која беше дел од проектот SCENT кој е дел од Европската програма Хоризонт 2020.

После моето магистрирање, почнав активно да аплицирам на докторски студии во Холандија, како земја која за мене се уште претставуваше врв во мојата насока. По неколку месеци добив покана за интервју на таканаречениот Отворен Универзитет во Холандија (Open University of the Netherlands) за позиција како докторант/истражувач и во април веќе ме известија дека ја добив позицијата. Во јуни 2019 се преселив во Мастрихт, на 20тина километри оддалеченост од Институтот каде што  работам. Докторските студии тука се организирани на тој начин што се со времетраење од 4 години и мора да има проект кој што ќе ги финансира. Моментално работам на проектот Co-Adapt, кој е под програмата Interreg 2 Seas. Целта на проектот, и мојот докторат е како да се имплементираат природни мерки (Nature-based Solutions) на речни сливови кои имаат проблеми со поплавување како резултат на климатските промени, и притоа да се вклучат во планирањето и локалното население, фармерите и сите засегнати страни.

Фокус: Каква е моменталната ситуација со корона вирусот: има ли полициски час, колку трае, дали луѓето работат од дома, дали се затворени училиштата…?

Богатиноска: Во Холандија, моментално, на сила е нешто што го викаат “smart lock-down’’. Ова значи дека барови, кафулиња и ресторани се затворени или работат со достава доколку имаат можност, училиштата и универзитетите се затворени со тоа што голем дел уште од самиот почеток вршеа онлајн настава. Препораките од владата се да се држи растојание од 1,5 метри, да се мијат раце, што почесто и да се седи дома доколку се забележат некои симптоми па дури и да се поблаги како кивање и слично. Ограничување на движењето на граѓаните не постои, но сепак, границите се затворени освен за луѓе од Европска унија или оние со валидни документи за престој во Холандија. Надвор смееме да се движиме само во групи од тројца луѓе максимум. Дома, истотака, не смееме да бидеме во група од повеќе од 3ца, освен ако се дел од семејството. Во продавница или супермаркет смееме да одиме само по еден човек од домаќинството.

Препораки за маски и ракавици не постојат, особено бидејќи е напоменато дека се во дефицит во здравството, и даваат чувство на ‘лажна сигурност’. Според последната прес конференција на премиерот Руте, мерките ќе почнат да се олабавуваат полека. Почнувајќи од 11 Мај, основните училишта ќе почнат да работат, но со придржување кон правилото од 1.5 метар. Тоа значи дека групите на деца ќе бидат преполовени, и делумно ќе учат во училиште, делумно дома. Исто така спортски тренинзи ќе бидат дозволени целосно за деца под 13 години, а од 13-18 години треба да држат растојание од 1.5 метар. Фестивали и други големи настани се забранети до 1ви септември. Јас работам од дома веќе 6та недела бидејќи работата ми е флексибилна и нема никакви негативни последици, освен можеби на продуктивноста, што е нормално.

Фокус: Колку луѓето се придржуваат до мерките и какви се казните доколку некој ги прекрши?

Богатиноска: Холандија е земја што е позната по големата “социјална контрола’. Тоа значи дека доколку не се придржуваш до мерките, не е потребна полиција, туку самите граѓани те опоменуваат кога правиш нешто што не треба, и тоа на доста груб начин. Полицијата е строга во однос на групирања на младите луѓе во паркови или по дома. Бидејќи Мастрихт е студентски град, вакви случаеви има доста, меѓутоа собиранките се брзо интервенирани или пријавени или од соседите или од полицијата која исто така патролира и гледа дали мерките се почитуваат. И покрај ова, парковите знаат да бидат доста полни, со придржување на мерките до некаде. Меѓутоа и ова до некаде го разбирам искрено, бидејќи времето тука е неверојатно овие неколку недели, а тоа не е случај за Холандија која е позната по постојаното врнежливо време. Во однос на висината на казните, изнесуваат отприлика 400 евра за групи од повеќе од 3ца, кои не се придржуваат кон правилото од 1.5 метар.

Фокус: Можеш ли да направиш споредба меѓу Македонија и Холандија во однос на однесувањето на луѓето за време на пандемијата?

Богатиноска: Искрено не би сакала да споредувам, бидејќи и Македонија и Холандија, според мене, прават се во можностите на државата, и во зависност од условите кои преовладуваат. Тука мерките се во секој случај „полабави“ на некој начин, бидејќи болниците имаат голем капацитет. Ова беше и позитивно и негативно прифатено од граѓаните. Голем дел се бунеа дека државата си игра со човечки животи, бидејќи им е поважна економијата, додека останатите ги поддржуваа мерките. Бројките на заболени и смртни случаи се неспоредливо поголеми отколку Македонија. Во моментов бројот на заболени е околу 38 илјади, додека имаме околу 4 илјади смртни случаи.

Она што ми се допаѓа тука е тоа што се многу внимателни на кој начин ја пренесуваат информацијата во врска со корона вирусот. Секогаш пристапот е внимателно обмислен, со цел да не настане паника. Како пример ќе ја дадам официјалната веб страна на министерството за здравство. На почеток бројките беа претставени графички на карта, со претставување на заболени случаи по општина. Кога почнаа бројките нагло да растат, ова почна да предизвикува паника кај населението. Потоа овој графички пристап беше сменет во тоа што на карта ги прикажуваа бројките на хоспитализирани случаи по општина. Затоа, според мене, медиумите имаат тешка задача да ја пренесат актуелната информација, на начин што нема да предизвика паника.

Од друга страна, во Македонија, наидов на доста медиуми што споделуваат секакви информации само за да добијат на „кликови“ , без да се размислува за последиците. Друга работа е што навистина луѓето се трудат да ги поддржат локалните бизниси, постојат многубројни Фејсбук страници каде рестораните го споделуваат своето дневно мени, и вршат достава до дома, исто така и земјоделците вршат достава на превкусни органски продукти дома. Би препорачала и во Македонија ова да се применува почесто, и да се помогне на тие локални бизниси да го преживеат овој период кој сигурна сум дека ќе биде преголем удар за нив. За среќа и во Македонија има доста паметни луѓе како овие две девојки кои направија датабаза со сите онлајн продавници (https://www.onlajn.mk/?fbclid=IwAR200DtaDHC20hjaConYK5Qi3NPXjs3Vseh_H3lWcW6G-PFVG2ng3bxWRjg) со цел да им се помогне на локалните бизниси, колку што се може секако! Едно нешто што можеби не ми се допадна тука е тоа што не спроведуваат доволно тестови, и се премногу штедливи со ресурсите. Доколку имаш благи симптоми само постои препорака да се седи дома, додека во Германија луѓето ги тестираат во неверојатно огромни броеви.

Како и да е, моја препорака е седете си дома, сакајте се, творете, вежбајте, правете се за што сте немале време до сега и ќе го пројдеме овој чуден период заедно. Јас, и покрај тоа што немам рестрикции за движење, не излегувам од дома од солидарност спрема моето семејство кое мора да се придржува на полицискиот час. Секако освен за одење до продавница или кратка прошетка на кеј за да се истегнат нозете од седење пред лаптоп по цел ден.

Катерина Смилева

Поврзани новости