Фотографија на која што градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев е во друштво на повеќе лица, помеѓу кои и бизнисменот Вице, брат на премиерот Зоран Заев, предизвика лавина од коментари во одредени медиуми и на социјалните мрежи.
Разни теории на заговор, обвинувања за наводни договори за тендери, тајни бизнис релации помеѓу Јанчев и Заеви и тврдења како тие заедно го слават верскиот празник Василица, ковајќи некакви планови, го преплавија интернетот. Но, за волја на вистината, фотографијата која што стана топ тема на разговор деновиве е направена минатата година, во јануари, во зимскиот ски центар Банско, каде што сосема случајно дошло до средба помеѓу Јанчев и Заев. Во нивно друштво е и градоначалникот на Неготино, Тони Делков, кого што по некоја случајност, јавноста најверојатно не го забележа, ниту пак го искоментира неговото присуство.
Деновиве, кавадаречкиот градоначалник повторно е во соседна Бугарија, на зимски одмор со семејството, но овој пат наместо во Банско, сместен е во Боровец. Во телефонски разговор за ,,Фокус” открива дека не може да ја сфати фамата која што ја предизвика заедничката фотографија со Вице, и не гладал ништо спорно во тоа луѓето да се дружат, без оглед на тоа на која политичка партија припаѓаат.
-Со Вице Заев случајно се сретнавме лани, ова време во Банско. Бевме поголемо друштво, Банско е мало место и нормално е дека средбите помеѓу нас, Македонците таму се нешто сосема природно. Учтиво се поздравивме, седнавме на маса како цивилизирани луѓе. Јас лично никогаш во приватниот живот не сум ги делел луѓето според тоа дали се од ВМРО, СДСМ, ДУИ… Од каде тоа непишано правило дека треба да се дружат само луѓе од иста партија? – прашува Јанчев.
Тој додава дека кога станува збор за партиски активности, се подразбира дека ќе ги штити интересите на својата партија, но во приватниот живот не треба да постојат никакви поделби помеѓу луѓето. Дава примери од животот, кога на пример се работи за фудбалски тим, и прашува дали некому му е важно кој играч од која партија е, кога темата е фудбалката игра, односно спортот.
-Како и со фудбалот, би дал пример и со одењето во некој ресторан. Ако вие побарате вода од ,,Кожувчанка”, а келнерот ви каже дека има само ,,Изворска” вода, дали вие ќе останете жедни? Дали ако работите во компанија која што произведува одреден производ, истиот не може да го купите во некој друг град, па нема да купите сличен производ од друга компанија? Јас не сум човек кој некого би го игнорирал приватно, единствено поради различната партиска припадност, ниту пак некогаш сум ги делел луѓето според вера, нација, социјален статус… Ако е така, треба да живееме во едно изолирано и партиски поделено општество, каде би се дружеле само сопартијците, што навистина нема логика никаде во светот – изјави градоначалникот.
Тој додава дека по средбата во Банско, лани, се немал сретнато со Вице Заев, но и доколку повторно се сретнеле, без проблем најкултурно би се поздравил и би поразговарал со него, затоа што, како што тврди, дружбата и цивилизираниот и човечки однос се нешто кое што не треба да се меша со политиката и партиските убедувања.
-Во мојата општина, гордо покрај мене стојат сите мои соработници, без оглед на тоа од која партија се. Сите ние работиме посветено, заеднички, и ги делиме успесите, горди на сработеното, без оглед на партиската определба. Со таков став, ние докажавме дека може да се оди напред и да се функционира во служба на граѓаните. Јас сум градоначалник на сите мои сограѓани, од која и да се партија и кај мене нема место за никакви поделби – раскажа Јанчев.
Вики Клинчарова