Град Скопје ќе потроши 318.000 евра за партерно уредување на плоштадот „Филип Втори“, дел од проектот „Скопје 2014“, односно ќе се доуредува просторот околу црквата и Музејот на холокаустот. Како што е наведено во склучениот договор, кој е објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки, целта на овој проект е да се создаде осмислен отворен простор, оформен како локален плоштад кој во себе ќе прими различни содржини и ќе стане дел од животите на луѓето кои гравитираат во тој дел на градот.
„Целиот простор е поделен на три сектори А, Б и В, кои имаат различни содржини, а меѓусебно формираат една целина. Целиот овој простор треба да се вклопи во постојната улична мрежа и околните постојни објекти“, велат од Град Скопје.
Задолжена за уредување на просторот е фирмата „Изградба-комерц ДООЕЛ експорт-импорт Скопје, победник на тендерот.
Со најновиот градежен зафат, вкупната цена за изведба на јавниот простор кај црквата „Св. Димитрија“ се искачи на преку 10 милиони евра.