За Фетаи и Рајчев нема уште поведено постапка за одговорност, што се крие зад пријавите на нивниот шеф Хајрулахи?

by fokus

Дисциплинската комисија се уште не донела одлука за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност против вишите обвинители, Фатиме Фетаи и Сашо Рајчев, коишто ги иницираше нивниот шеф, Мустафа Хајрулахи за наводите на осудениот сопственик на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски и другата иницијатива за нестручно и несовесно работење.

-Во овој момент нема дисциплинска постапка пред Комисијата, туку иницијатива за спроведување дисциплинска постапка, ни одговори кратко обвинителката Фетаи и го посочи членот во Законот за јавно обвинителство кој ја предвидува постапката за утврдување на одговорност на еден обвинител.

Според Законот за јавно обвинителство, постапка за утврдување на одговорност на јавните обвините за сторена дисциплинска повреда се спроведува по образложен предлог на јавниот обвинител на Република Северна Македонија за сите јавни обвинители и по образложен предлог на виш јавен обвинител на вишо јавно обвинителство за јавните обвинители во вишото јавно обвинителство… Тоа значи дека Хајрулахи засега има предлог за дисциплинска повреда, за којшто се уште не е поведена постапка.

-Во моментов има иницијативи за дисциплински постапки против неколку јавни обвинители. Дисциплинската комисија до овој момент не донела одлука за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност на наведените обвинители, велат од Јавното обвинителство.

Постапката за утврдување на одговорност на јавниот обвинител во вршење на јавнообвинителската функција ја спроведува комисија од пет члена или нивни заменици од кои по еден од вишите јавни обвинителства и еден член од републичкото јавно обвинителство избрани од колегиумите од тие обвинителства.

Пред поведувањето на постапката, комисијата по приемот на предметот, ќе побара од јавниот обвинител против кого е поднесен предлогот за поведување на постапката, писмено да се изјасни за наводите во предлогот во рок од пет дена по известувањето.

Според нашите информации, од двајцата обвинители се уште не е побарано писмено изјаснување, што значи против нив нема никаква постапка.

Според Законот, ако комисијата оцени дека не постои основано сомнение за сторена дисциплинска повреда од страна на јавниот обвинител, ќе донесе заклучок со кој ќе се констатира дека нема да поведе постапка. Ако комисијата оцени дека предлогот е основа, ќе донесе решение за поведување на дисциплинска постапка, а јавниот обвинител против кого се води постапката има право да биде сослушан пред Комисијата во присуство на бранител, како и да предлага докази во своја корист, што значи дека има многу процедури се додека обвинителите се прогасат за „виновни“.

КРИВИЧНИ И КОНТРА КРИВИЧНИ

Покрај предлогот за дисциплинска одговорност, Хајрулахи поднесол и известување во форма на кривична пријава до Јавниот обвинител, се со цел да се определи друго ОЈО надвор од надлежноста на Вишото јавно обвинителство.

– За едниот јавен обвинител поднесов кривична пријава за можно сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злоупотреба на личните податоци“. А за другиот јавен обвинител поднесов кривична пријава за „злоупотреба на личните податоци“, изјави Хајрулахи во изјава за една телевизија без да ги покани и другите медиуми.

Но, освен Хајрулахи, кривични пријава против него има поднесено и Фетаи, две за злоупотреба на службената положба и овластувања и една иницијатива за поведување на дисциплинска постапка против него.

Барањата за одговорност на обвинителите дојдоа откако Стаменковски кажа дека соработувал со обвинителот Рајчев и уште една обвинителка и бараше Рајчев да биде изземен како виш обвинител кој го водеше овој случај пред Апелација.

-Хајрулахи бараше извинување за информации што ги имам објавувано (во тек е постапка за клевета). Информациите ги добивав од Рајчев, телефонот е одземен од ЈО, таму се информациите. Сме имале соработка, сум објавувал негови текстови, негови информации од судот, изјави тој.

 

Рајчев демантираше.

– Обвинетиот не го знам, ниту го познавам ниту, пак, некогаш сум комуницирал со него на кој било начин и денеска искажаните наводи се во целост невистини, а водено ќе кажам дека ниту сум го читал порталот преку кој објавувал текстови за кои денеска е обвинет и со оглед дека немам профили на социјалните мрежи, не сум го ни следел на друг начин, изјави Рајчев.

Иако, Хајрулахи бил фактички оштетен во случајот со Стаменковски, тој не побарал друго обвинителство да постапува во случајот со Стаменковски, со оглед на тоа што скопското обвинителство коешто го водеше овој случај, по хиерархија е под Обвинителството коешто го води токму тој.

ВЕЧЕН ШЕФ НА СКОПСКО ВИШО

Инаку, Хајрулахи беше единствениот кандидат за шеф на скопското јавно обвинителство, откако неговите противкандидати, вишите обвинители Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми се откажаа од „борбата“ против него. Тој го водеше ова обвинителство и четири години претходно.

Медиумите лани пишуваа дека Скопското вишо јавно обвинителство со кое шефуваше Хајрулахи го „заробило“ предметот на СЈО „Титаник 3“ за изборен фалсификат, во кој беа обвинети Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ, на начин што списите не биле навремено испратени во Скопска Апелација за судиите да одлучат за предметот.

Подоцна апелационите судии ја укинаа пресудата за овој случај, но вишиот јавен обвинител во овој случај, Дилавер Бектеши, даде позитивно мислење до судот за да им се вратат пасошите на обвинетите Алими и Гури во овој предмет.

Тој во едно интервју, коментирајќи го изборот на Ислам Абази за шеф на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, рече дека не знае зошто е толку проблематично и толку озборувано од сите чинители, кога тој е избран на фер и демократски избори, без никакви притисоци.

Стаменковски беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари.

Стаменовски доби три години и еден месец затвор и 5.000 евра парична казна. Основниот кривичен суд Скопје му ја одреди ваквата казна за пет кривични дела за кои го прогласи за виновен.

Покрај тоа, судот му изрече и забрана за вршење професија или дејност поврзана со кривичните дела, односно забрана да врши регистрација на домен на портал за време од 10 години, сметано од почетокот на правосилноста на пресудата, а престанува да важи регистрацијата и на сите досега регистрирани домени.

Сепак Апелација му ја намали казната на две години и шест месеци. Обвинението против Стаменковски беше покренато и по пријави на две новинарки на „Фокус“ кои сведочеа против него за кои континуирано пишуваше невистинити и навредливи текстови.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости