За Европа ќе биде тешка разделбата од рускиот гас, а што е планот на Македонија?

by Fokus

Пред десет дена Европската комисија ги претстави своите насоки за намалување на зависноста на ЕУ од рускиот природен гас. Според проценките, до крајот на оваа година земјите од заедницата можат да го намалат за 2/3 увозот од Русија, а до 2030-та година целосно да се откажат од суровината која пристигнува од оваа земја.

Сепак, аналитичарите сметаат дека оваа цел е сосема нереална – „разводот“ со рускиот гас може да се случи во рок од 10 години, пишува „Reuters“.

Првата пречка, на пример, се празните складишта за гас во Европа, кои ќе бараат повеќе гас од традиционалниот за новата зимска сезона. Дополнително, во април ЕК ќе предложи регулатива според која ЕУ мора да ја започне грејната сезона (октомври – март) со полни складишта за гас до најмалку 90% од капацитетот.

Според Регулаторната комисија за енергетика во однос на природниот гас,  земјава 100 проценти од потребите ги обезбедува од Русија и ако се сопре набавката нема да биде можно нормално функционирање на Северна Македонија.

Ќе не спаси ли гасоводот во Александропулос?

Руско-украинската криза покажа дека Северна Македонија пополека треба да се ослободи од зависноста од само еден добавувач на природен гас и токму затоа земјава официјално влегува во големата енергетска постројка во Александрополис преку која ќе се обезбедува природен гас кој доаѓа од Азербејџан, односно течен гас од САД и други земји.

Исто така цената на енергенсите расте, па покрај инвестициите во обновливи извори на енергија потребно е да се поработи и на гасификациската мрежа, порачуваат од Стопанската комора на Северна Македонија.

Официјалниот потпис на меморандумите го отвора патот за македонско учество во овој мега енергетски проект кој до 2023 година треба да обезбеди складирање и гасификација на течниот природен гас со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри.

Македонскиот удел во двата проекта значи инвестиција од 25% проценти во гасната централа на природен гас од 800 мегавати, проценета инвестиција од над 380 милиони евра, односно 10% во гасниот терминал, учество со вредност од околу 370 милиони евра. Финансиски проект, кој освен од домашни извори, ќе биде поддржан и од страна на Европската унија.

За македонските власти, учеството во проектот е од историско значење. Очекувањата се дека покрај зацврстување на соработката на полето на енергетиката со компании од Грција, ќе се обезбеди трајно и стабилно снабдување на природен гас за земјата, но и дополнителна можност за негова дистрибуција и во регионот.

Од Владата за „Фокус“ велат дека најголемата потрошувачка на природен гас е во зимските месеци, имајќи предвид дека природниот гас најмногу се користи за производство на топлинска енергија. Најголемо влијание на профилот на потрошувачка има когенеративната постројка во сопственост на „ТЕ-ТО“ АД Скопје.

Во текот на зимскиот период потрошувачката на природен гас достигнува до 45 милини Nm3, месечно како резултат на вклучувањето и на топланите, a во периодот од јули до септември истата достигнува до 6 милиони Nm3 месечно, што се должи на работењето на „ТЕ-ТО“ АД Скопје во овие месеци.

-Треба да се има предвид дека во моментот когенеративната постројка во сопственост на „ТЕ-ТО“ АД Скопје работи 24 часа и топлинската енергија ја испорачува за потребите на БЕГ за снабдување со топлинска енергија на потрошувачите на градот Скопје. Истовремено информираме дека постојат уште два мали системи за дистрибуција на топлинска енергија на подрачјето на градот Скопје кои не се поврзани меѓусебно и кои работат на природен гас.

Во моментов државата нема втора опција за диверзификација на снабдувањето со природен гас од Русија. Во тек е проект за гасна интерконекција со Грција кој може да стане оперативен на крајот на 2024 година, додаваат од Владата.

 

Каква е македонската гасоводна мрежа?

Преносниот систем за природен гас во Република Северна Македонија се состои од еден главен интерконективен гасовод со Република Бугарија, што влегува во Република Северна Македонија кај Деве Баир/Жидилово и се протега преку Крива Паланка, Кратово и Куманово до Скопје, во должина од 98,197 км.

Постои и разводна гасоводна мрежа од магистралниот вод до градовите Крива Паланка, Кратово, Куманово, Технолошко индустриската развојна зона – Скопје (Бунарџик) и градот Скопје со должина од 32 км и градска гасоводна мрежа со должина од 72,613 км (во Крива Паланка, Кратово, Куманово и Скопје), со вкупно 202,22 км.

-Во текот на 2021 година, со системот за пренос на природен гас управуван од АД „ГА-МА“ Скопје, беа пренесени 426 милиони Nm3, со што продолжи трендот на зголемување на количеството на природен гас во системот за пренос, пред сè заради работата на когенеративните постројки и топланите на природен гас(80%).  Ова е досега најголемо количество на природен гас во системот за пренос од почетокот на неговата работа и претставува зголемување за 26% во однос на пренесените количества на природен гас во 2020 година, односно изнесува над 53% од вкупниот капацитет на системот за пренос на природен гас, појаснуваат од Владата.

Според извештајот од Регулаторната комисија за енергетика во текот на 2020 година има вкупно 57 активни приклучоци директно поврзани на преносната мрежа за природен гас.

Во Република Северна Македонија активни се три системи за дистрибуција на природен гас:

– Дирекција за технолошко-индустриски развојни зони Скопје (ДТИРЗ Скопје) со вкупно 12 потрошувачи,
– ЈП Струмица гас со вкупно 315 потрошувачи и
– ЈП Куманово гас со вкупно 100 потрошувачи.

Алтернативата за гасот е мазут

-Имајќи ги предвид презентираните податоци произлегува дека топланите во градот Скопје имаат можност да користат алтернативно гориво (мазут) и во случај на потреба за интервенција, истите можат во рок од 3 дена, да отпочнат да работа на мазут и да ја завршат грејната сезона со производство на топлинска енергија од мазут. Истото се однесува и на индустриските потрошувачи приклучени на мрежата на ДТИРЗ Скопје, појаснуваат за „Фокус“ од Владата.

Исто така тие велат дека при евентуален прекин во снабдувањето со природен гас, а имајќи го предвид минималниот број на приклучени потрошувачи на дистрибутивните системи во нашата држава, сметаат дека нема сериозен ризик.

Колку ќе плати Европа за гасот?

Тешко е да се процени колку ќе чини замена на рускиот гас од цевки со течен гас. Од почетокот на годината земјите плаќаат меѓу 200 и 800 милиони евра дневно за испораките на „Газпром“. Во моментов, двете страни се фокусирани само на испораки со долгорочни договори – руската компанија не обезбедува дополнителен гас на европскиот пазар од летото 2021-ва година.

Едно е, сепак, сигурно дека полнењето на складиштата за гас по спот пазарни цени во февруари ќе чини 65 милијарди евра.

Според Брисел, напуштањето на рускиот гас е целосно остварлив план, пишува „Reuters“, додавајќи дека тоа би чинело трошоци и конкурентност за европската економија, особено што цените на енергијата веќе предизвикуваат економски проблеми.

Плановите на ЕК, кои ќе бидат детални и презентирани до крајот на мај, би можеле да и заштедат на заедницата нешто повеќе од 100 милијарди кубни метри гас од Русија во оваа година. Во 2021-ва година ЕУ увезла 155 милијарди кубни метри руски природен гас. Алтернативите се течен гас и повеќе гас од цевки – на пример од Азербејџан.

Неколку години за нови гасоводи

Земјите од ЕУ можат да увезат 50 милијарди кубни метри течен гас и уште 10 милијарди кубни метри алтернативен гас од цевки, соопшти ЕК. Но, проблемот е што потребната количина на течен гас е околу 10% од вкупното производство и би било предизвик за ЕУ ​​да го обезбеди. Производителите не можат толку брзо да го зголемат својот капацитет и ќе бидат потребни најмалку неколку години за да се зголемат залихите, пишува германската тинк-тенк „Agora Energiewende“.

Но, од друга страна, рекордните цени на гасот во Европа привлекоа многу испораки од САД и други производители. Од почетокот на годината на Стариот континент пристигнаа рекордни количества течен гас, но цената е 10 пати повисока од претходните години. Замената на цевководниот гас од Русија, испорачан со долгорочни договори, ќе значи и повеќе набавки на самото место, каде цената е традиционално повисока.

Побарувачката во Азија е предизвик и за Европа, која ќе мора да се бори да ги обезбеди своите залихи со дополнително зголемување на цените.

Европа ќе ја игра играта на рускиот претседател Владимир Путин доколку земјите почнат да се натпреваруваат меѓу себе за купување на течен гас, предупредува белгискиот тинк-тенк „Bruegel“.

Сепак, подобра стратегија е координацијата, вклучително и на меѓународно ниво. ЕУ може да ги искористи своите дипломатски врски за да игра заедно со другите големи купувачи на ЛНГ, охрабрувајќи ги производителите да ги зголемат залихите наместо да се натпреваруваат за истите количини.

Потребни се големи инвестиции

И ако гасот е предизвик, другите мерки на ЕК изгледаат речиси невозможни до крајот на оваа година – подобрување на енергетската ефикасност и зголемување на зелената енергија. Ова е од суштинско значење во планот на Брисел, бидејќи природниот гас во Европа е главен извор на енергија во производството на електрична енергија.

Се проценува дека само соларните и ветерните електрани можат да заштедат 170 милијарди кубни метри гас годишно до 2030-та година. За таа цел, сепак, нивниот капацитет мора да се зголеми на 480 гигавати од ветер и 420 гигавати од соларен капацитет. До 2021-ва година, инсталираните ветерни електрани имаат вкупна моќност од 189 гигавати.

Според проценките на „Bloomberg“, доколку земјите од ЕУ инвестираат вкупно 240 милијарди евра во периодот 2022-2025 година, би можеле да додадат 65 гигавати од ветер и 150 гигавати од соларна енергија.

Соња Танеска

Поврзани новости