За едночасовен настап во Куманово, тинејџерска група доби 4.000 евра, Тајзи 3.000 евра и ,,Дупер” 2.000 евра: Беше одлично, традиционална ќе стане манифестацијата!

by Fokus

За едночасовен настап во Куманово, во склоп на новогодишната празнична програма која се одржала на 27-ми и 28-ми декември 2024 година, тинејџерската група ,,Тин Камп” добила хонорар од 4.000 евра, групата ,,Дупер” настапила за 2.000 евра, и на крај настапил Тајзи за хонорар од 3.000 евра.

Информацијата за хонорарите на учесниците за ,,Фокус” ја потврди Марио Арангеловски, в.д. директор на Фондацијата за култура и спорт Куманово.

Фондацијата на чие чело стои Арангеловски ја спроведува новогодишната програма, а исто така стоеше и зад организацијата на неколку часовниот концерт кој се одржа на Градскиот плоштад во Куманово на 11-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Куманово, кога настапија повеќе музичари за чии хонорари биле одвоени 30.000 евра.

Како што вели Арангеловски, предновогодишната програма поминала одлично, имало многу посетители, посебно од помладите генерации.

-Поминавме одлично, настапот на тинејџерската атракција ,,Тин Камп” донесе бројна млада публика, а на крај, за време на концертот на Тајзи, кој настапи последен, буквално плоштадот беше преполн со луѓе од сите генерации. Интересот за настанот ни е показател дека манифестацијата е успешна, луѓето се забавуваа, и планираме истата да стане традиционална, да се одржува секоја година, појаснува Арангеловски.

За настанот по повод 11-ти Ноември пак, кога за музичарите – учесници беше одвоен хонорар од 30.000 евра, потврди дека Владо Јаневски добил највисок хонорар од околу 5.000 евра за неколку песни. Покрај Јаневски, тогаш гостуваа и Ламбе Алабаковски, Тамара Тодевска, ДНК, Слаткар, Пајак, Наум Петрески, Миле Кузмановски, Нино Величковски и други.

-Таков беше тогаш концептот на настанот, сите учесници отпеаја по неколку песни. Хонорарот на Јаневски беше највисок, а во име на транспарентност, сите суми беа соопштени на седница на Совет, нема што да се крие, вели Арангеловски.

Периодов и од други општини, во име на транспарентност и отчетност, започнаа јавно да се објавуваат хонорарите кои ги добиваат музичари за настап на општински манифестации. Најмногу јавни реакции има за висината на хонорарите на регионалните пејачи, кои најчесто се ангажираат како главни музички гости на општинските манифестации, а кои за настап од околу еден час и 45 минути, заработуваат суми и од 20 илјади евра, па нагоре.
Сепак, се уште има општини кои одбиваат јавно да ги обелоденат хонорарите кои ги добиле пејачите, правдајќи се дека тие средства биле обезбедени од спонзори, а не од општинскиот буџет, и покрај тоа што се работи за општински манифестации.

Вики Клинчарова

Поврзани новости