За една недела, или на 6-7 февруари истекува привремениот затвор кој турските власти на 29 декември, му го одредија на Љупчо Палевски- Палчо, осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.
Палчо во моментот се наоѓа во затворена казнено-поправна установа во Баликесир, Турција, а таму може да биде задржан најмногу до една година. Се очекува привремениот затвор или притвор да му биде продолжен по истекот на 40 дневната мерка, бидејќи македонските власти се уште немаат добиено одговор од Турција по барањето за екстрадиција, кое беше испратено на 7 декември.
Од Министерството за правда ни одговорија дека деновиве очекуваат одговор од Турција, по што ќе ја информираат и јавноста.
Барањето за екстрадиција доаѓа по апсењето на Палевски на 5 декември во Турција, откако ден претходно беше распишана меѓународна потерница по него како осомничен за две кривични дела – „грабнување“ и две убиства на свиреп начин.
Доколку биде екстрадиран, Палевски во земјава ќе биде пречекан со судско решение за 30-дневен притвор и ќе биде пренесен во истражниот затвор во Шутка. Таму веќе се наоѓаат тројцата осомничени соизвршители во грабнувањата и свирепите убиства.
Валентина Вурмо