За помалку од еден ден за деветгодишниот Квејден од Австралија се собраа над 210.000 долари, со цел тој да замине на патување во Дизниленд, по траумите кои секојдневно ги доживувал на училиште, предизвикани од негови врсници кои го малтретирале.
Видеото на кое малото момче родено со џуџест раст плаче и вели дека сака некој да дојде и да го убие, за да се стави крај на малтретирањето од врсниците, го обиколи светот.
Неговата мајка Јарака емотивно појаснува со што се соочува нејзиниот син, бидејќи секој ден во училиште има по некој ученик кој што го малтретира и го исмејува поради неговиот физички изглед.
Таа раскажува дека се решила да го објави видеото со цел да ја подигне јавната свест, да ги поттикне родителите да ги едуцираат своите деца, но и образовниот систем да се вклучи во борбата против врсничко малтретирање и дискриминација.
Набргу по објавата, од сите страни на светот започнаа да пристигаат пораки со поддршка до малиот Квејден, но и до неговото семејство. Голем број на холивудски и спортски ѕвезди му ја дадоа својата поддршка во видео пораки и му порачаа дека не е сам.
На социјалните мрежи беше активирана донаторска акција, каде се собираат средства со кои момчето ќе замине на патување во Дизниленд, и за помалку од 24 часа се собрани над 210.000 долари, а акцијата се уште трае.
-Ова е гласна порака дека врсничкото малтретирање нема да се толерира! Целта на донаторската акција е да се соберат средства за два авионски билети, за Квејден и неговата мајка, од Австралија до Америка, да се плати убав хотел за нив двајцата и влезници за Дизниленд. Сите останати средства ќе бидат донирани на здруженија кои се борат против врсничкото малтретирање – наведено е во акцијата која што ја иницирал Американецот Бред Вилјамс и се прошири низ целиот свет.