Петар Каревски, чие световно име е Владика Петар, Митрополит преспанско – пелагониски, кој деновиве се најде во центарот на вниманието поради ставовите од неговото Велигденско послание кон верниците, дека родовата еднаквост е изопачена, богохулна и отровна идологија, на први мај во етерот ќе ја лансира неговата телевизија.
Како што објави ,,Фокус” пред неколку месеци, тој е основач на компанијата Друштво за производство туризам промет и услуги ПРЕОБРАЗБА ДООЕЛ Скопје, компанија која добила дозвола од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за емитување која важи за следните девет години.
Откако во повеќе наврати се обидовме да стапиме во контакт со него, со цел да ја информираме јавноста каква програма ќе се емитува на неговата телевизија, тој кратко ни одговори дека пред да започне активно да функционира телевизијата, сите заинтересирани ќе бидат информирани.
Според одлуката на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), согласно Одлуката за доделување на дозволата, се обврзува да започне со вршење на дејноста на 1-ви мај 2023 година. Неофицијално, предвидено било да се емитуваат забавни, образовни, едукативни и музички програми.
Освен што се уште нема излезено во јавност со детали за телевизијата, Владиката Петар молчи и по повод бурните јавни реакции кои ги предизвикаа неговите зборови по повод родовата еднаквост.
Според него, се до појавата на феминизмот жената била сопруга, мајка и домаќинка, а денес, таа е високо еманципирана со забележителни позиции во општеството, но, често и разведена и самохрана мајка.
Кажа дека кога некој бара повеќе или поголеми права, треба да е свесен, подготвен да извршува и поголеми должности, затоа што барањето права без обврски е нихилизам.
,,Фокус” се обиде да стапи во контакт со владиката и да дознаеме на какви точно поголеми должности за еманципираните жени мисли, како и за бурните реакции по повод неговите ставови, но тој не одговори на нашите телефонски повици и пораки.
Вики Клинчарова