За две години запленети над 300 илјади петарди во Македонија

Граѓаните избегнале повреди

by Fokus

Како се наближува Нова година, така и полицијата има полни раце работа ловејќи нелегална продажба на пиротехнички средства низ градовите.

Во 2020 година биле запленети над 200 илјади парчиња петарди, додека пак оваа година во периодот од јануари до декември, МВР заплени над 120 илјади парчиња пиротехнички средства.

Како што ни порачаа од Министерството за внатрешни работи, апелираат до граѓаните да бидат внимателни, потенцирајќи ги казните со кои можат да се соочат.

„Преземаме репресивни мерки, со цел санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства и ги потсетуваме граѓаните за законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба“, ни истакнаа од МВР.

Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.

Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што:

(1) Тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години;

(2) Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.

И покрај зголемената употреба на петарди околу празниците, во Македонија во изминатите две години не се регистрирани повредени граѓани.

„По направената анализа во системот утврдено е дека во наведениот период не е евидентиран ниту еден пациент во Јавните здравствени установи со „телесна повреда со експлозивен материјал“, не информираа од Мој Термин.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости