Над 1.500 лица за два дена се вакцинирани со прва и трета доза во рамки на широката кампања за имунизација за заштита на ризичното население од тешка форма на Ковид-19, информираше вчера Министерството за здравство.
Преку СМС пораки, како што посочуваат, ги повикуваат лицата од ризичната група над 65 години, како и помлади лица со коморбидитети, кои сè уште не се заштитени со соодветна доза вакцина да се имунизираат, во точно определен термин и пункт, закажани преку „МојТермин“.
Од Министерството истакнуваат дека сите вакцини кои се користат во моментот се сигурни и безбедни и штитат од тешки форми на Ковид-19.
Вчера, беа регистрирани нови 124 случаи со Ковид-19 од направени 1.209 тестови или 10 отсто. Од вкупниот број на позитивни (124), регистрирани се 22 реинфекции. Починати се седум лица, меѓу кои и 36-годишен пациент. Кај сите починати лица регистрирани се коморбидитети.
Досега во земјата се направени вкупно 1.908.017 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 299.766, бројот на оздравени пациенти е 288.235, на починати 9.086 а на активни случаи изнесува 2.445.