Во ек на гроздоберот, но и со месеци пред тоа, кога започнуваат сезонските земјоделски работи, секоја година учесниците на сообраќајот се изложени на огромна опасност поради тракторите кои се движат без исправна задна сигнализација, а кои имаат закачено и приколки, прскалки, плугови и друга земјоделска механизација.
За проблемот со кој се соочуваат најчесто жителите во Тиквешијата, каде лозарството е најзастапено, се реагира секоја година и граѓаните постојано упатуваат апели до МВР, да не се дозволи загрозување на јавната безбедност од страна на несовесните трактористи.
– Возат неосветлени во 22 часот навечер, возат во 2 часот наутро, во зависност кога ќе го истоварат грозјето, влечат големи приколки, некои од нив не само една, туку и по две приколки имаат закачено. Во Тиквешијата, доволно е да се излезе на улица на само пет минути, и ќе се регистрираат најмалку десетина вакви прекршоци.
Недозволиво е на сите да ни се загрозуваат животите, бидејќи некој не сака да одвои 200-300 денари и да си постави заднa светлосна сигнализација на тракторот или пак на приколката. Проблемот датира со години наназад, сведочиме на трагедии, и редно е еднаш-засекогаш да се реши, реагираат револтирани граѓани.
И на страниците на социјалните мрежи, посветени на тиквешкиот регион, редовни се објавите на фотографии и видео снимки од неосветлени трактори, како и јавните реакции да се стави крај на ова кршење на законот, кое секоја година по неколкумина учесници во сообраќајот го плаќаат со живот или пак завршуваат со тешки повреди.
Од СВР Велес информираат дека со зголемените активности по лозовите насади, зголемен е и бројот на сообраќајни несреќи, чии причинители се тракторите, па упатуваат апел до сите сопственици на трактори и друга земјоделска механизација, пред да се вклучат во јавен сообраќај, да го доведат возилото во технички исправна состојба.
– Возилата да се технички исправни во поглед на системот за кочење и сигнализацијата т.е. да се пропишано осветлени, да бидат регистрирани, а возачите да поседуваат важечка возачка, се со цел поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајните незгоди, информираат од СВР Велес.
Исто така, додаваат дека од страна на Отсекот за превенција на секторот и понатаму ќе продолжат со превенирање преку реализирање на сообраќајно – воспитни акции кон овие возачи, а додека од страна на Полициските станици и Одделенија за безбедност на патниот сообраќај ќе се санкционираат возачите кои и понатаму нема да ги почитуваат предвидените законски прописи.
Вики Клинчарова