За да очекуваат помош од државата, музичарите мора да плаќаат данок на секој хонорар- предлага Горан Алачки

by fokus

Низа на коментари, критики и предлози се актуелни периодов помеѓу естрадните уметници поради лошата финансиска состојба во која се наоѓаат поради откажаните настапи, заради пандемијата со корона вирус.

Популарниот фолк пејач Ефто Пупиноски на својот социјален профил реагираше дека Здружението на естрадни уметници, на чие чело е Благоја Грујовски, треба да биде поставено на здрава основа, но по слабата реакција и незаинтересираноста од страна на негови колеги на темава, тој тврди дека не гледа причина да направи нешто за нивни интерес.

-На мојата објава за македонската естрада, во која зборував само и само за неопходноста од имање на силна и многубројна македонска естрада како незаменлива форма на заштита на интересите на естрадните уметници, наместо 1.400 коментари кои требаше да бидат од припадници на естрадната фела, има вкупно 14 од кои два се од естрадни уметници.

Имав најдобра намера и волја да го внесам моето знаење, умеење и искуство за да го изодам трнливиот пат до реализација на зацртаната цел – да го поставам здружението на здрава основа, а притоа додека тоа да го остварам бев подготвен да потрошам завидна сума на свои пари. Но, после горенаведениот показател, длабоко се уверив дека само 5% естрадни уметници имаат капацитет да ја разберат вредноста од постоењето на такво здружение. Еден од нив е и Благоја Грујовски, кој многу достоинствено ми ја даде својата поддршка нагласувајќи дека во овој момент само јас можам да ја реализирам таа работа.

Баже, ти честитам на здравиот резон и благодарам на поддршката, но при вакви услови со ваков молк на естрадните уметници би бил будала било што да направам за нивни интерес. Но, бидејќи јас не сум будала, туку сум само временски далеку пред нивниот резон, му велам силно „СТОП“ на мојот ангажман. Тебе Баже ти препорачувам што поскоро да се откачиш од здружението без членови – реагира Пупиноски.

На неговата реакција се надоврзаа повеќе музичари, кои го потенцираат големиот проблем со кој се соочува естрадата, немањето на регулиран работен стаж, но и причините зошто е тоа така.

-Многу години плаќав членарина на здружението, плус и за потврди плаќав кога требаше да пејам во странство, се плаќаше околу 100 евра или германски марки своевремено, но никој од претседателството не го реши тој проблем, како во Србија на пример, да си плаќаме стаж. Денес ќе имав 35 години работен стаж… Не знам зошто тогаш ја плаќав таа членарина. Можеби нешто ќе се смени за помладите колеги, но за нас, постарите членови на здружението, ништо, за жал – реагира пејачката Бади Бекир.

Музичарот и маестро на хармоника Горан Алачки пак, тврди дека музичарите мора да плаќаат данок на државата за сите свои хонорари, па дури потоа да бараат бенефиции од неа.

-Факт е дека никој не плаќа данок на заработувачката од свадби и мали настапи. Со самото тоа, естрадата не е дел од системот. Треба да се размислува од оваа почетна точка. За да се добие помош од државата, мора на сите хонорари да се плаќа данок! Но, на целата естрада ќе и претходи соодветна категоризација. Кој е кој… Ова е мој предлог како да се движи здружението, за да добие свое место во системот. Треба да направиш нешто за државата, па потоа да очекуваш бенефиции од неа – тврди Алачки.

Минатата недела Здружение на естрадни уметници поднело барање за помош до Владата, со цел да се изнајде решение за поддршка на најзагрозените членови од музичката бранша. Конкретни предлози околу тоа како би се регулирал работниот стаж на музичарите кои настапуваат самостојно, односно приватните забави и настапи по локали им се единствен извор на егзистенција, се уште нема од страна на засегнатите уметници.

Вики Клинчарова

Поврзани новости