За да нѐ биде, мора да се удри корупцијата во чело

by Фокус

Сѐ додека Македонија не воспостави функционален систем на владеење на правото, 5-6 поголеми земји на ЕУ нема да дозволат Македонија да оди напред, затоа што нема политичар во Европа што сака од другата страна да седи со корумпиран политичар

Пишува: Александар НИКОЛОСКИ

Чистење на криминалот и корупцијата ќе биде приоритет број еден на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што сега со оваа власт на СДС и ДУИ, криминалот царува, а корупцијата цвета, што стана причина број еден зошто Македонија назадува.

Ако поразговарате со луѓето што си одат од Македонија, ќе забележите сериозна разлика од пред 10, 15, 20 или 30 години со тие што тогаш си оделе од државата.

Ако тогаш број еден причина биле економските услови, сега број еден причина е, како што вели народот, дека нема ред. „Нема ред“ е она што го зборуваме денес, дека криминалот царува, а корупцијата цвета.

ДРОГАТА ЦАРУВА

Три клучни работи што се доминантни – првата ја гледаме по македонските улици секаде околу нас и директно ги погодува идните генерации, односно кокаин на македонските улици има како никогаш претходно.

Цените се толку ниски и е толку достапен, што за средношколец или за студент станува подостапно да набави кокаин отколку да отиде на театарска претстава или кино. Тоа е тажната реалност.

Како никогаш порано, дрогата царува по македонските улици и локали, и, пред сѐ, е кокаинот. Тоа не може да е така доколку нема одобрение од највисоките структури на власта, пред сѐ МВР и Царинската управа, затоа што толкаво количество дрога по улиците некој го внесува и некој замижува тој да се продава.

Јавна тајна е дека вработени во МВР се главни организатори и дилери на трговијата со наркотици, пред сѐ на кокаинот. А се спречува едноставно доколку има волја и желба, а тоа нема затоа што министерот го гледаме со главните дилери. Не треба да нѐ чуди кога среде Скопје се случуваат мафијашки убиства, крвни одмазди, затоа што сѐ потекнува од системот.

Втората тема што сакам да ја споменам е корупцијата и злоупотребите во власта. Свесни сте сите дека нема функционер на СДСМ од најниско ниво, од обичен раководител, завршувајќи со премиер што не злоупотребува.

Аферите на дневна основа еруптираат и за нив ние зборуваме во јавноста. Треба да зборуваме за иднината, а таа ќе биде предводена од влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, одговорност ќе има за конечно да се стави ред и да се воспостави функционален систем на владеење на правото.

ТЕМЕЛНИ ИСТРАГИ

Мора да се направат темелни истраги за злоупотребите што овие 6 години се направени, пред сѐ во финансискиот дел, да се види текот на парите и сѐ што е возможно да се врати во државниот буџет, а на тој начин кај граѓаните.

Процентите во Македонија станаа добро утро, за да се заврши работа се плаќа мито, и тоа отворено го бараат. Тоа мора да престане и да биде казнето.

Трета работа се европските интеграции. Јас со години зборувам и стојам позади тоа дека Македонија дури и да почне преговори, ќе ги заврши по само 6 месеци со нова блокада, но таа блокада ќе биде поради високото ниво на криминал и корупција.

Сѐ додека Македонија не воспостави функционален систем на владеење на правото, 5-6 поголеми земји на ЕУ нема да дозволат Македонија да оди напред, затоа што нема политичар во Европа што сака од другата страна да седи со корумпиран политичар.

Силно мора да се посветиме на овој дел, на сузбивање на криминалот и корупцијата во високото ниво на власт, во спротивно Македонија ќе остане заглавена.

По срамниот Преспански договор, Македонија, не само што не почна преговори, туку и доби три задачи што не се реализирани. Тоа се реформа на администрацијата, реформа на безбедносните служби и третата е битка со организираниот криминал и високото ниво на корупција, кои не се ни случија.

Затоа, на следните избори бараме поддршка за да ги удриме корупцијата и криминалот во чело. Борбата со корупцијата и криминалот е прашање број еден за опстојот на Македонија!

(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости