За претседателот на Советот на Град Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески обвинувањата на СДСМ дека премиерот Мицкоски и дел од владините министри во Вашингтон патувале со бизнис класа во авионот, се гол популизам.
„Опозициската СДСМ протестира зошто премиерот и неколку владини министри на неодамнешното патување во САД со авион користеле бизнис класа. Можеби сакаат високите владини претставници на следното патување преку океанот да патуваат еден месец со брод од италијанското пристаниште Џенова, откако претходно со воз втора класа би пристигнале до брегот на Италија. Не сум сигурен дека ваквото патешествие би било поевтино за македонските даночни обврзници“, вели Славески.
Според Славески, она што од СДСМ не го кажуваат е дека сигурно во Владата, од некој претходен состав, постои правилник со кој, како што вели, е уредено кој може да користи бизнис класа при патување со авион и под кои услови.
Според Славески, многу е веројатно, а така било и во минатото, високи владини функционери да можат да патуваат со бизнис класа на прекуокеанските летови, бидејќи, како што пишува, не станува збор за туристички патувања, затоа што обврските дома постојано притискаат.
БИЗНИС КЛАСА
Опозициската СДСМ протестира зошто премиерот и неколку владини министри на неодамнешното патување во САД со авион користеле бизнис класа.
Можеби сакаат високите владини претставници на следното патување преку океанот да патуваат еден месец со брод од италијанското… pic.twitter.com/PgO79u6Oqg
— Trajko Slaveski (@TSlaveski) July 22, 2024
„Престојот, конкретно во САД, каде што покрај институциите на американската влада се наоѓаат седиштата на Обединетите нации, Светска банка, ММФ и други значајни меѓународни институции, според однапред утврден план и насочен кон постигнување одредена цел од интерес за државата, вообичаено трае неколку дена“, објаснува тој.
За да можат да бидат продуктивни нашите владини претставници уште од првиот ден по пристигнувањето на крајната дестинација, неопходно е да патуваат со бизнис класа.
„Впрочем, овој оддел во авионите, каде што навистина се плаќа два до три пати повисока цена од ‘економик’ класата, е наменет токму за таков тип на клиентела која во ограничен временски период треба да оствари амбициозна агенда, во интерес на некоја компанија или државен интерес.
Погодностите сврзани со приоритет при чекирање и влегување во авион, можноста за засолнување од гужвите по аеродромите во посебни простории (салони) додека се чека за влегување во авионот, а најмногу колку-толку заштитата од постојан плач на деца за време на летот, се вредни за цената што се плаќа.
Дополнително, за време на летот може нешто и да се сработи, вклучително и подготовки за предвидените настани.
Се разбира, доколку сакаме нашите функционери да остварат максимум од секое патување надвор со прекуокеански лет ќе мора да се согласиме дека за тоа треба да им се обезбедат одредени погодности за време на службените патувања“, вели Славески, потенцирајќи дека „сето друго е гол популизам“.
СДСМ викендов објавија дека Мицкоски и неколку владини министри потрошиле 20.000 евра за патувањето во Вашингтон со бизнис класа и ги повикаа Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да отворат предмет за случајот.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак ги отфрлија ваквите обвинувања, нарекувајќи ги лажни, наведувајќи дека за време на владеењето на СДСМ се трошеле далеку повеќе пари за превоз на владините претставници.