За четири дена речиси 5.500 новозаболени од Ковид – 19, ќе има ли нови мерки?

by Fokus

Секој седми тест направен вчера бил позитивен, „Омикрон“ сојот на вирусот почнал да се шири низ државата многу порано пред да биде детектиран. Оваа вeрзија на коронавирусот веќе е доминантна меѓу новите регистрирани случаи. Речиси 60 отсто од секвенционираните позитивни примероци се „Омикрон“ сој.

Четирицифрена бројка на новозаболени од Ковид – 19 во последните 24 часа повторно регистрираа задравствените власти. Вкупно 1.171 нов случај е внесен во системот а најголем број од нив се од Скопје. За само четири дена здарвствените власти потврдија 5.468 новозаболени а бројката на активни случаи ја достигна границата од 10 илјади.

Во вторникот беа регистрирани 1.197 новозаболени, во средата 1.375 а вчера рекордни од почетокот на епидемијата 1.725 новозаболени.

Во последното деноноќие регистрирани се и 10 починати пациенти со што бројката на лица кои починале како последица на компликации предизвикани од коронавирусот е 8.012.

Во моментов како активни се водат 9.166 случаи а повеќе од половината – 5.122 се во Скопје – најголемото жариште на вирусот во државата. Потоа следува Битола каде што во последното деноноќие има 134 нови случаи со што бројката на заболени се искачи на 777 пациенти. Брзо ширење на вирусот и високи бројки на заболени во последните три дена има и во Прилеп каде сега има 530 активни случаи и во Охрид каде во моментов се 373 активни случаи.

Она што сега е јасно е дека „Омикрон“ сојот на вирусот почнал да се шири низ државата многу порано пред да биде детектиран кон крајот на декември минатата година. За тоа сведочат бројките кои покажуваат дека оваа верзија на коронавирусот веќе е доминантна меѓу новите регистрирани случаи. Речиси 60 отсто од секвенционираните позитивни примероци на ПЦР тестовите се токму од сојот „Омикрон“. Зошто секвенционирањето се одвиваше бавно и на исклучително мал број тестови одговор од надлежните нема.

За доктор Харис Бабачиќ магистер по епидемиологија и докторант-истражувач на Институтот „Каролинска“ во Стокхолм – Шведска, „Омикрон“ сојот во моментов има рекордна преносливост која ќе расте и понатаму.

Тој смета дека се целосно погрешни информациите според кои ова е полесна форма на Ковид – 19 со мал ризик од хоспотализација и смрт. Според Бабачиќ, поголем број на инфекции може да доведе до голем број на хоспитализции кои ќе го оптеретат здравствениот систем а ризикот кај граѓаните кои не се вакцинирале останува висок.

Комисијата за заразни болести најави дека ќе има состанок во понеделник на кој ќе се дискутира за воведување на нови рестриктивни мерки и евентуалното намелување на бројот на денови во изолација на аспимтоматските случаи, од 10 на 7, за да не крахира приватниот сектор но и државната администрација во случај на рапиден раст на зболени, можност која веќе не се исклучува.

Поврзани новости