Социјалните и традиционалните медиуми, организациите на пациенти и креаторите на политиките имаат улога во испраќањето јасни пораки кога станува збор за јавното здравство. Но, без соодветно вложување во здравствената писменост во училиштата, не може да се бори против лажни вести, предупредува Европскиот форум за пациенти (ЕПФ).
Појавата на вакцината против Ковид-19 ќе биде голем предизвик при пренесување на научно засновани и разбирливи информации до секого.
-Ако не почнеме да ги учиме повторно основите на науката во нашите училишта, ако владите не инвестираат доволно во училиштата, тогаш ќе продолжиме да создаваме луѓе кои ќе имаат се повеќе и повеќе потешкотии во разбирањето на пораките што се прават на научна основа, рече претседателот на ЕПФ Марко Греко во интервју за EURACTIV.com.
– Социјалните мрежи се важни, но недоволни за достигнување на поширока популација која се уште нема пристап до тие медиуми, рече Греко, нагласувајќи дека еден од главните проблеми е што лажната наука е многу полесна за разбирање отколку вистинската. Многу е потешко да се пренесе научно проверена порака, но потребни се 10 отсто од времето за некој да направи лажни вести, предупреди Греко.
Бидејќи Европа се соочува со вториот бран на пандемијата движењата на граѓаните низ ЕУ ги доведуваат во прашање ограничувачките мерки воведени за забавување на ширењето на вирусот.
Повторно се појавија движења против вакцините, ширејќи сомневања за безбедноста на очекуваната вакцина против Ковид-19.
Греко оцени дека Европа не е подготвена за пандемијата на ниво на комуникација, но дека целокупниот одговор на ЕУ е позитивен, особено кога ситуацијата стана појасна.
На почетокот на пандемијата, дури и на научната заедница беше тешко да испрати јасна порака, оцени Греко, наведувајќи ги како пример различните мислења на експертите за употреба на маски, што ги збуни луѓето.
Ова беше случај и со препораките за училиштата, така што многу училишта добија упатства само неколку дена пред почетокот на учебната година.
Со цел да се направи што е можно појасна пандемската состојба, ЕПФ, во соработка со Европската агенција за лекови (ЕМА), формираше научни комитети кои редовно им испраќаа на своите членови информации за моменталната состојба и студиите што се спроведуваат за Ковид-19.
– Целта беше да им се дадат истите информации на пациентите, за да се осигураме дека испраќањето на тие пораки е контролирано од научници и регулатори, рече Греко.
Иако имаше пропусти по избувнувањето на пандемијата, стратегијата за комуникација на Европската комисија и ЕМА беше добра во испраќањето јасни пораки.
– Верувам дека пандемијата не обврза на некој начин да го забрзаме овој вид комуникација, бидејќи е неопходно да се обезбедат информации што секој може да ги разбере, рече Греко.
Пресвртна точка во тој предизвик за комуникација ќе биде вакцината, кога ќе стане достапна.
– Ќе биде од суштинско значење да се одржи истото ниво на комуникација како и во превенцијата, кога вакцината ќе биде подготвена. Вакцината ќе биде многу критичен момент, не само затоа што е важна за јавната безбедност, туку и затоа што се знае колку е тешка перцепцијата за вакцинација во изминатите неколку години, рече претседателот на ЕПФ.
Затоа, јасна порака од ЕУ ќе биде од суштинско значење за да се осигури дека се е направено за да се осигури безбедноста на пациентот.
Движењата против вакцините укажуваат на итна потреба да се најде вакцина против Ковид-19, тврдејќи дека таквиот брз процес носи ризик.
Греко верува дека транспарентните, јасни и научно засновани пораки за вакцината против Ковид-19 можат да овозможат општа промена на ставот во врска со вакцинацијата.
– Многумина од нас ќе се соочат со избор да ја примат вакцината кога е подготвена. Тоа ќе биде огромна можност за подобро комуницирање за вакцинацијата и важноста на вакцинацијата и солидната научна основа врз која се темели вакцината, нагласи Греко.