За Бочварски и Рустеми надзорот за „Бехтел и Енка“ е по закон

by Fokus

За Владата се е законски, за опозицијата – се работи за матна зделка. Продолжува кавгата за избор на компании кои ќе го врши надзорот на изградбата на коридорите 8 и 10.

Министерот за транспорт и врски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта денеска на брифинг излегоа со детали за целиот проект кој ќе го гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка, а надзорот ќе го предводи ИРД инженеринг.

„Беа дадени на увид сите документи, целата документација во однос на избор на консултант и надзор. Она што, за нас како влада, е важно е патната инфраструктура и коридорите час поскоро да бидат изградени“, рече Бочварски.

Се е според законот, уверуваат надлежните.

„Имавме транспарентна постапка за избор на консултант за надзор, беше почитуван до крај законот за јавни набавки. Потоа го потпишавме и договорот со Бехтел и Енка, тоа е за нас историски договор. Изградбата треба да заврши за 4 години и 7 месеци“, рече директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара реакција на Обвинителството во делот на изборот на конзорциумот што ќе го врши надзорот, клучен елемент за да се внимава на висината на цените на целиот проект.

Антикорупциската комисија отвори предмет за компаниите што ќе го вршат надзорот.

Поврзани новости