За безбедноста на децата во сообраќајот

by Fokus

Децата се нашата иднина и грижата за нивната безбедност е секогаш на прво место. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) континуирано спроведува активности за зголемување на безбедноста на децата во сообраќајот и потсетува дека и децата се рамноправни учесници во сообраќајот на патиштата. Токму поради тоа неопходно е децата да ги знаат и да ги почитуваат сообраќајните знаци, светлосната сигнализација и сообраќајните правила и прописи.

Во тек е второто полугодие од учебната година и зголемен е бројот на деца во близина на училиштата. Затоа РСБСП упатува апел до децата:

– преминувајте ја улицата само на обележан пешачки премин,

– воспоставете контакт со очи со возачите на возилата кои доаѓаат кон вас, за да сте сигурни дека сте забележани,

– почекајте додека не поминат сите возила пред да тргнете да ја преминете улицата, не зачекорувајте на коловозот сѐ додека не запрат возилата,

– кога преминувате на пешачки премин, не користете мобилен телефон или слушалки.

Истовремено, РСБСП на возачите им препорачува:

– бидете особено внимателни во близина на воспитно-образовни установи, детски игралишта и паркови,

– намалете ја брзината на возилото пред пешачки премин или крстосница,

– секогаш бидете подготвени да го запрете возилото кога се приближувате до пешачки премин или крстосница,

– кога запирате, запрете го возилото подалеку од пешачкиот премин за да им овозможите и на другите возачи јасно да ги видат децата кои поминуваат на пешачкиот премин, за да можат и тие навремено да ги запрат возилата.

 

 

Поврзани новости