За безбедносен сертификат со степен државна тајна лицето да нема двојно државјанство, додека за безбедносен сертификат со степен строго доверливо да не е државјанин на држава која не е членка на НАТО.
Ова е усогласениот амандман помеѓу пратениците од опозицијата и позицијата, што беше прифатен по подолга дискусија на денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања на чиј дневен ред единствена точка беше Предлог-законот за класифицирани информации, во второ читање. Пратениците од ВМРО – ДПМНЕ меѓу другото бараа за безбедносен сертификат со степен строго доверливо лицето да не е државјанин на држава која не е членка на НАТО и на ЕУ, што не беше прифатено од страна на владиниот претставник.
-Главен ограничувачки фактор за пристап до информации со класификација државна тајна е принципот „потребно е да знае“, потенцира министерката за одбрана Радмила Шекеринска и додаде дека двојното државјанство е дополнително ниво на заштита. Појасни дека во таа насока лицата треба да се селектираат по основ на тоа што работат и за што одлучуваат, а не по основ на државјанство. Сугерираше да не се водат од политиката дека овој закон за класифицирани информации не треба да прави разлика меѓу Алијансата и другите земји, затоа што е извесно членството во НАТО , а постои и разлика помеѓу земји-членки на НАТО и оние што не се.
– Погрешно е да се мисли дека со тоа што ќе воведеме построги услови ќе го намалиме бројот на иматели на пристап до класифицираните информации строго доверливо и државна тајна. Обратно треба да биде. Не смее бројот на луѓе кои имаат право на пристап до државна тајна да биде голем. Пристап до такви класифицирани документи треба да имаат мал број луѓе, рече меѓу другото Шекеринска.
Таа информира дека во моментот пристап до такви класифицирани документи за државна тајна во МО, без Армијата, немаат повеќе од десетина лица. Во минатото, според Шекеринска злоупотребата на класифицирани информации била инструмент на политичка, финансиска или лична пресметка.
На прашање на пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Никола Попоски дали ограничувањето за безбедносните сертификати со степен строго доверливо со двојното државјанство со земји кои не се членки на Алијансата е барање на НАТО, Шекеринска потенцира дека ова е прашање кое национално треба да се реши затоа што решенијата во одделни земји се различни од порестриктивен до многу полиберален пристап.
Министерката за одбрана Шекеринска не го прифати амандманот од опозицијата со кој бараа да се отстрани можноста дадена во Предлог-законот за назначување заменик-директор на Дирекцијата за безбедност на калсифицирани информации. Прифатен беше амандманот од пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ, надлежна медицинска установа да утврдува за намалена или не ментална состојба за губење на веќе добиените безбедносни сертификати.
Претходно, Собранието на продолжение на 114-та седница ја утврди потребата од носењето на новиот законот за класифицирани информации и го даде на натамошно читање.
Образложувајќи го Предлог законот, министерката Шекеринска тогаш рече дека ова законско решение подразбира сериозно прилагодување кон европските регулативи меѓутоа, како што додаде, најважно е дека гарантира и високо ниво на усогласеност со стандардите и принципите при ракување со класифицирани информации на Алијансата.
-Законот е една од важните карики што треба да го обезбеди не само нашето членство во НАТО, туку треба да го обезбеди нашето учество како партнер на кој НАТО може да се потпре, рече Шекеринска.
Во законот за класифицирани информации, како што истакна, се прави добар баланс помеѓу заштита на информациите и она што е многу важно и помеѓу злоупотребата на класифицирањето на информации за да се покријат злоупотреби.
Како еден од проблемите, таа тогаш го посочи тоа што преголем број лица во различни сектори од државата имале НАТО сертификати од најразлични причини.
Додаде дека само во секторот одбрана бројка од 1.200 до 1.500 лица кои поседуваат сертификати сега се намалува на 200 до 300.