Целта на оваа владејачка гарнитура е да започне изградба на нови автопатишта низ државава. Готово! Купено од моја страна! Ми се бендисува да не морам да се возам до Охрид со саати преку Стража, Колари, Зајас, Другово, заедно со запрежните коли и трактори
Пишува: Ана ПАНОВСКА
Кој ќе се попари на млекото, дува и на маштеницата! Ако сета оваа медиумска „будност“ во врска со транспарентноста околу изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10 д е резултат на нивната „заспаност“ при еден сличен „капитален“ зафат, наречен „Скопје 2014“, тогаш донекаде ја разбирам оваа задоцнета новинарска зрелост.
Со чест на неколку исклучоци, новинарската фела, општо земено, тогаш си беше како бајче. Не се разбираше баш ни во пари, а ни во закони.
Тогашните речиси 0,8 милијарди евра за споменици, триумфални капии, галии, барокни фасади, фонтани, постаменти, слепи мовчиња накитени со статуи… ај да не редиме – тие евра не ќе да беа пари од граѓаните.
И сега, оп! Во Собранието власта преку своите пратеници предложила измена на 9 закони за да му се „удоволи“ на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ заради непречена изведба на предвидените автопатски делници.
Еј, промена на национални закони! Потресени се од оваа дрскост можеби затоа што не така одамна потфрлија кога не се досетија да се вознемират како тоа еден таков голем капитален проект, како „Скопје 2014“ помина незаконски, без ниедна измена во Собранието, барем на Законот за меморијални споменици од државно значење.
ЦЕЛТА ГИ ОПРАВДУВА СРЕДСТВАТА
Не сакам да звучам макијавелистички, но, еве, теоретски, да го прифатиме ставот на Макијавели (кој прашање е дали бил негов) дека целта ги оправдува средствата и да ја бараме прво целта, па потоа оправданоста на средствата, и во буквална и во преносна смисла.
Која беше целта за изградба на она чудовиште од „Скопје 2014“? Да се убијат три зајаци со еден куршум.
Прва цел. Неповратно истурање народни пари во квазикултура, плагијати на уметнички вредности, воспевање на паланечко-малограѓанскиот менталитет и сето тоа накитено со позајмени туѓи пердуви кои од темел го уништија визуелниот идентитет на Скопје.
Втора цел. Доуништување и на последната нишка на спремност од страна на Грците да попуштат во меѓусебните преговори за името, штета која подоцна некако половично се испегла, голтајќи кнедли и пиши-бриши налепници кои на крај, сепак, нѐ доведоа до единствениот можен, максимален дострел во однос на нашите меѓународни ограничувања − Преспанскиот договор и влезот во НАТО.
Трета цел. Внесување кошмар во меморијата на македонскиот народ преку сомнителни споменични, „историски“ ликови, не мислам на Гоце Делчев кој високо национално си го вреднувавме и во времето на „комунизмот“, туку на оние ликови со кои вмровците здраво национално се поткачуваат, со што дополнително го засилија нетрпението меѓу Македонците и Бугарите.
Тоа беа накусо високите цели на вмровската влада. Оправданост нула (0). Ни материјален, ни политички бенефит за државата, само тешко поправлива штета.
ШТО ОТИ ГРУЕВСКИ БЕШЕ ТРАНСПАРЕНТЕН?
За крадењето и пластењето лично богатство кај политичарите и кај нивното опкружување овој пат не коментирам. Тоа е константа што важи за сите влади досега!
Е сега, целта, намерата на оваа владејачка гарнитура е да започне изградба на нови автопатишта низ државава. Готово! Купено од моја страна, и тоа со мои пари како дел од народните пари.
Тоа го прифаќам како цел. Ми се бендисува да не морам да се возам до Охрид со саати преку Стража, Колари, Зајас, Другово, заедно со запрежните коли и трактори. Транспарентност!?! Што оти Груевски беше транспарентен.
Уште на старт ми го нацрта и ми го прикажа со анимација „луна-паркот“ во центарот на Скопје што мисли да го прави со мои пари. Веднаш сфатив дека таа стока не беше за купување − фурда, секакви отпадоци.
Но за автопатишта, изградени од реномирана, успешна и докажана фирма „Бехтел и Енка“ давам на невидено. Колку и да чини, овој конзорциум ќе нѐ стегне да научиме што значи брзина, ефикасност и фразата „времето е пари“.
Велат, ќе се менувал и Законот за експропријација со чии измени ќе им се овозможело на „Бехтел и Енка“ веднаш по конечната одлука за експропријација да започнат со градба, без да се чека одолговлекувањето со правосилноста и со талкањето по судските ходници.
Така работи модерниот свет, не како што си знаеме ние. А бе, со децении сѐ уште молчешкум го заобиколуваме она зградуле на улицата „Водњанска“ што ја стеснува најпрометната улица во градот и никој ништо не му може.
Белки овој пат побрзо ќе научиме како сѐ се може кога ќе нѐ затуркаат оние што немаат ни време за чекање ни пари за губење!