Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска на прес-конференција рече дека ја разбира сензитивноста на јавноста во врска со случајот со компанијата „Кастинвест“ која се откажа од грантот од Фондот за иновации и технолошки развој и додаде оти во целост ги испочитувал сите законски аспекти.
– Имам разбирање за сензитивноста на јавноста со оглед на тоа што десет години се случуваше во оваа држава. Немам што да кријам и го охрабрувам Основното јавно обвинителство да го истражи случајот до крај, рече Анѓушев.
Одговарајќи на новинарски прашања, Анѓушев рече дека е горд на компанијата „Брако“ каде има над 600 вработени бидејќи се вградил и како инженер и како менаџер. Во оваа компанија тој рече дека има 40 отсто сопственост. „Брако“ аплицирал во друг столб за државна помош и најави оти и таму нема ништо незаконско, но поради сензитивноста на јавноста, и сопствениците на „Брако“ ќе се откажат од користење на средствата. Според него, некому му смета успехот на овие проекти и успехот на оваа политика.
Според него, првпат во Македонија се случува една добра иницијатива-македонските компании да бидат поддржани во рамки на иновативноста, мали, средни и микро претпријатија во Фондот за иновации и во рамки на Законот за финансиска помош. Рече да не се фрла дамка и да не се прави дисторзија на вниманието на јавноста од еден успешен и добар проект.