За заменик министерот за правда, Агим Нухиу нема афера со правосудните испити со кандидати кои немале диплома за правни студии, туку тоа биле кандидати кои имале диплома.
-Друго е да кажеме дека недоставува диплома, дека има фалсификат диплома, друго е дека немал во моментот, вели Нухиу иако ниту еден медиум не кажа дека синот на Талат Џафери и другите спорни студенти нема воопшто диплома или имале фалсификувана диплома, туку, како што утврди Антикорупциската комисија, прво положиле правосуден испит, па потоа се здобиле со диплома, дипломиран правник.
Тој застана во одбрана на синот на Талат Џафери, Барлет Џафери и кажа дека кандидатот има свој интерес и не треба да одговара и да биде на тапет. Според него, одговорноста треба да се бара од Комисијата за полагање на правосуден испит пред која полагале кандидатите, а го амнестираше и тогашниот министер.
– Министерството за правда и Комисијата за полагање на правосуден испит е административно тело. Никој не може без докази да донесе решение, одлука, заклучок и слично. Не може врз основа на дискреционо право. Има недостаток во однос на времето кога се пријавени документите, изјави Нухиу.
Нухиу е заменик министер по предлог на ДУИ, а во периодот кога се полагале предвреме правосудни испити министерството за правда го воделе кадри на ДУИ. Овој случај не доби епилог, постапка не отвори ниту Антикорупциска комисија, ниту Обвинителството.
Ф.Ф.С.