На годишно ниво, во Македонија околу 25 пациенти добиваат механичко срце, во кои влегуваат и оние новите, на кои истата година им е извршена интервенција, но затоа пак 6-7 пациенти умираат, што од тоа што не можеле да ја добијат битката, што и од негрижата на државата – конечно да се почне со трансплантација. Ги има и млади и стари.
„Пациентите со механичка потпора се на товар на Фондот за здравство, без разлика дали интервенцијата се извршува на Државна кардиохирургија или, пак, во двете приватни болници „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“.
Во последните пет години, бројот на пациенти со механичко срце се движи од 20 до 25, додека, пак, 6 до седум умираат. Многу е лошо тоа што откако ќе му се стави на еден пациент механичко срце, тоа треба да се носи само неколку месеци, а потоа да се изврши трансплантација.
Тоа кај нас е невозможна мисија, па ние сме заглавени со механичка потпора и до пет години и повеќе, што ни предизвикува дополнителни здравствени проблеми и на другите органи, доаѓа до крвавење“ – тврди во изјава за „Фокус“, еден од пациентите и претседател на здружението „Храбро срце“, Васко Јолевски.
Тој додава дека во приватните болници, исто така, им бараат дополнително уште многу пари откако ќе биде извршена операцијата.
„И во двете приватни болници, операцијата е на сметка на ФЗОМ, но со тоа тука завршува сѐ. Потоа, ние си плаќаме сѐ од свој џеб.
По логика на нештата, кога ќе се оперираш на едно место, тука потоа ги правиш и прегледите, контролите, па така само со една контрола, на која ќе кажеш добар ден, им оставаш 4.000 денари.
Ако се работи за крвна слика или за нешто дополнително, тогаш е и до 12.000 денари, многу често оставаме и по 30.000 до 40.000 денари. Тоа се пари што ги немаме. Како можеме да опстанеме на овој начин, ем со болно срце, ем без пари“, додава Јолевски.
Срцева слабост или како што уште се нарекува слабо срце – е долгoтрајна состојба, која се влошува со текот на времето. Настанува кога срцевиот мускул е ослабен и не е во состојба да испумпа доволно количество крв потребно да ги задоволи барањата на телото за нормално функционирање.
Затоа и се вградува механичко срце, кое му помага на пациентот да преживее и му го зголемува квалитетот на животот, но, сепак, и самите тие пациенти со години чекаат трансплантација, која воопшто не профункционирала во Македонија.
За првпат ваква операција во земјава е изведена пред шест години, поточно во 2018 година на скопската Државна кардиохирургија. Тогаш, пациент со терминална срцева слабост доби механичко срце, а во тој период беше посетен и од екс премиерот Зоран Заев.
„Денес е постигнато едно значајно достигнување во кардиохирургијата, на наш сограѓанин, кој е 54-годишен и е татко на шест деца му е вградено механичко срце. Тоа е придобивка за сите граѓани дека го имаме во Македонија како можност.
Ваквите операции во странство, во Германија чинат 340.000-350.000 евра, а севкупните трошоци овде не надминаа повеќе од 120.000 евра. Останува да ги охрабрам и другите лекари и директорите на клиниките да го следат ваквиот тренд“, рече тогаш Заев.
Од друга страна, во приватната болница „Аџибадем Систина“, првото механичко срце беше вградено, исто така во 2018 година, додека, пак, во „Жан Митрев клиник“ една година подоцна.
Без разлика што од сите три болници фрчеа соопштенија со пофалби, сепак и по шест години, ниту еден од овие пациенти не доживеа трансплантација, туку сѐ уште живеат живот, како што самите знаат да кажат, на батерии.
„Фокус“ се обрати до Фондот за здравство, од каде што побаравме да ни дадат одговор на неколку прашања, а клучното прашање беше – колку пари на годишно ниво добиваат двете најголеми приватни болници и за кои здравствени услуги, како и колку пари добива скопската Државна кардиохирургија?
„Годишниот буџет за ПЗУ Аџибадем Систина за 2024 година е во износ од 515.000.000 денари. Согласно договорот, здравствената установа пружа здравствени услуги од болничка здравствена заштита од дејноста:
- Кардиоваскуларна хирургија и дел од интервентна кардиологија кај возрасни осигурени лица во болничка здравствена заштита,
- Детска кардиоваскуларна хирургија и интервентна кардиологија кај осигурени лица до 18 години за болничка здравствена заштита.
Годишниот буџет за ПЗУ Жан Митрев е во износ од 514.217.000 денари. Согласно договорот, здравствената установа пружа здравствени услуги од болничка здравствена заштита од дејноста:
- Кардиоваскуларна хирургија и дел од интервентна кардиологија кај возрасни осигурени лица во болничка здравствена заштита,
- Детска кардиоваскуларна хирургија и интервентна кардиологија кај осигурени лица до 18 години за болничка здравствена заштита.
Годишниот буџет за ЈЗУ УК за државна кардиохирургија за 2024 година е 376.520.910 денари, од кои основен буџет во износ од 285.390.910 денари, од кој се финансираат трошоци за плата на вработените, лекови и потрошни м-ли, комунални услуги итн.
Условен буџет во износ од 91.130.000 денари, кој е наменет за материјали за изведување на следниве здравствени услуги во макс. количина од: 8 зу TEVAR со еден стент; 8 зу EVAR со еден стент; 13 зу FET; 8 зу VAD; 3 зу BIVAD; 10 зу MIAVR“, се наведува во одговорот од Фондот.
Според пресметките, во последните 5 години, во касите на двете најголеми приватни болници влегле околу 88 милиони евра за операции на срце и кардиолошки интервенции.
Поточно, од 2019 година наваму, „Жан Митрев клиник“ добиле околу 49 милиони евра, додека, пак, „Аџибадем Систина“ околу 39 милиони евра.
Меѓутоа, последната 2024 година има одредени промени во буџетите, па така „Систина“ добива 8,4 милиони евра годишно, додека во болницата на Митрев влегуваат малку помалку или околу 8,3 милиони евра.
Тука е и Државна кардиохирургија, која добива доста помалку пари од приватните, па така нејзиното чекмеџе од ФЗОМ за оваа година изнесува околу 6,1 милиони евра, иако поголемиот дел од операциите се изведуваат таму.
Тоа е вкупниот буџет што го добиваат трите болници, кои работат кардиолошки интервенции, меѓу кои влегуваат и операциите за механичко срце. За нив нема посебен буџет од Фондот за здравство.
Ирена МУЛАЧКА