За 24 часа од Кабул евакуирани 16.000 лица

by fokus

Околу 16.000 луѓе се евакуирани од Авганистан преку аеродромот во Кабул во изминатите 24 часа, соопшти Пентагон, во услови кога САД брзаат да ја завршат евакуацијата до поставениот рок, односно до 31 август.

Генералот Хенк Тејлор изјави пред новинарите дека 61 воен, комерцијален и чартер летови за голем број земји се реализирани од меѓународниот аеродром Хамид Карзаи во рок од 24 часа, заклучно со 3 часот наутро во понеделник, превезувајќи луѓе кои ја напуштаат земјата откако талибанците ја презедоа власта

Од евакуираните тој ден, 11.000 се евакуирани со американскиот воен воздушен сообраќај, рече Тејлор.

Бројот на луѓе изнесени од Авганистан со американски летови од јули достигна 42.000, од кои 37.000 од 14 август, кога почна поинтензивна евакуација поради офанзивата на талибанците на Кабул.

Ова вклучува „неколку илјади“ американски државјани и илјадници Авганистанци кои работеле за американските сили кои аплицирале или добиле специјални имигрантски визи, и Авганистанци кои се сметаат за изложени на ризик од талибански напади поради нивната работа во невладини организации, медиуми и други работни места, појасни портпаролот на Пентагон Џон Кирби.

Тој рече дека фокусот останува на завршување на операциите за евакуација до крајниот рок до 31 август, кој претходно го одреди американскиот претседател Џо Бајден. Ова ќе бара повлекување на 5.800 американски војници, кои во суштина ги водат операциите и безбедноста на аеродромите од 14 август, како и голема количина опрема донесена за поддршка на нивната мисија.

Поврзани новости