Секретарот на регионалниот совет за безбедност на Перник, Васко Пиргов, вчера изјави дека автобусот во кој загинаа 45 македонски граѓани, „по се изгледа имал туби полни со нафта (најверојатно дизел) до предните седишта“.
Доколку истрагата ја потврди оваа верзија, тогаш е направен груб прекршок, бидејќи ова е строго забрането.
Превозниците со кои разговараше „Фокус“ велат дека оваа појава е честа, поради цената на горивото. Автобусот сообраќал од Турција, каде цената на нафтата е 0,75 евра.
Во однос на тоа како успеваат да ја преминат македонската граница, но и останатите граници во регионот, велат дека тоа се прави со подмитување на цариниците, кое се движи од 10 до 15 евра.
На прашањето дали ова е честа пракса кај некои од македонските превозници, да купуваат нафта од странство (во случајов од Турција) и да ја носат во автобусите, еден превозник вели:
Поаѓајќи од фактот дека нелојалната конкуренција си го прави своето, преку нудење на многу ниски цени на вакви аранжмани, на пример едно вакво патување со две ноќевања да се нуди на пазарот од 65-79€, да! Цената на нафтата моментално во Турција се продава по цена 0.75€, можеби некој од ваквите превозници го прават ова, а и останати незаконски работи.
Во однос на тоа дали овој, во суштина, шверц на нафта, се прави за свои потреби, или за препродажба, превозникот вели дека најверојатно е за свои потреби.
Честа е ситуацијата и да бидат вградени дополнителни резервоари во автобусите, што исто е противзаконски.
К.С.Б.