Захариева: Нема да поставувме нови услови на европскиот пат на Северна Македонија

by fokus

Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, изјави дека нејзината земја нема да поставува нови услови за Северна Македонија за стартот на преговорите со Европската Унија, но дека сака да се решат историските спорови, јави известувачот на МИА.

Одговарајќи на новинарско прашање во рамките на Самитот за Западен Балкан што се одржува во Познањ, во однос на тоа зошто таа и премиерот Бојко Борисов се вмешале во дебатата за историските фигури кои ги споделуваат Северна Македонија и Бугарија, Захариева порача дека тоа се должи на фактот што во минатото историјата се користела за политички цели.

-Кога политичари од минатото злоупотребуваат историски вистини и играат со нив се доведовме до оваа точка да нема блиски врски помеѓу нашите две земји, истакна бугарската министерка за надворешни работи, но нагласи дека Софија нема да поставува нови услови на европскиот пат на Северна Македонија.

-Не поставуваме нови услови, соседските односи се содржани во договорот за пријателство, рече Захариева и додаде дека нејзината земја само сака добрососедски односи.

Таа потсети дека Бугарија прва ја призна независноста на нашата држава и дека беше меѓу првите што го ратификуваа пристапниот протокол за НАТО, докажувајќи дека ја поддржуваат евроатлантската перспектива на земјата.

Шефицата на бугарската дипломатија нагласи и дека нејзината земја беше на чело на ЕУ минатата година кога е одлучено да се започнат пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

-Преземавме обврски кон Северна Македонија и Албанија да започнат преговорите, компромисот не беше лесен. Не е секогаш лесно да и се објасни на јавноста во нашите земји зошто е важно да започнат преговорите и покрај внатрешните проблеми на ЕУ, ние мораме најдоцна до октомври да го спасиме имиџот на ЕУ-членките и да испорачаме, инаку воопшто не треба да преземаме обврски, порача Захариева осврнувајќи се на повторното одлагање на датумот за преговори со Северна Македонија во јуни во Луксембург. 

Поврзани новости