Иван Михаилов и нашиот културен центар именуван во негова чест не е евидентиран во централните регистри, туку во срцата на граѓаните на Македонија, реагираат од културниот центар „Иван (Ванчо) Михајлов“ во Битола откако Министерството за правда одлучи да ја забрани употребата на ова име во именувањето на клубот, од причина што претставува, како што рекоа од таму, навреда за македонскиот народ.
„Ако размислиме до пред неколку години, кај нас само зборот Бугарин беше табу, а сега веќе се бориме за човекови права. Ние македонските Бугари сме тука сакале или не и знаеме по кој пат треба да оди Македонија, како што знаеле нашите предци, ние сме борци за правда како нив, а не жртви и секој изминат ден ќе стануваме се повеќе и повеќе“, напиша на фејсбук претседателот на културниот центар, Љубчо Георгиевски.
Тој најавува дека правдата ќе ја бараат до Стразбур.
„Не се откажуваме и ќе стигнеме до Стразбург, ќе се бориме за нашите права и за отстранување на фалсификуваната историја и за отворање на досиејата на УДБА и никој не може да не спречи! Со оваа одлука го бришат животот и борбата на илјадници Македонци кои загинаа во името на идејата која ги дала темелите на оваа држава – ВМРО и нејзините водачи Даме Груев, Гоце Делчев, Тодор Александров и Иван Михаилов, луѓе кои јасно ги идентификуваа самите како македонски Бугари. Зора на вечната борба! Да живее Иван Михаилов! Да живее ВМРО!“, завршува Георгиевски.