На денешното рочиште за 27 април завршни зборови даваа дел од обвинетите. Обвинетиот Младен Додевски изрази жалење за тоа што се случи во Собранието на 27-ми април и подвлече дека со неговото присувство таму, кое било 40 минути, не неправил никакво насилство.
„Дали има поголемо насилство од отворање врата на разгневена толпа народ“, праша обвинетиот за насилство Јане Ченто, алудирајќи на амнестијата која опфати речиси половина од обвинетите за 27 април. Ченто меѓу другото информира дека го формирал патриотското здружение со цел да се организираат панихиди за борците за Македонија.
– Имав средба со тогашниот директор на УБК на кого му кажав за што е формирано тоа здружение, а тој ми рече да се слушнам со Нинџа. Со Нинџа се видовме и ми рече да не провоцираме никакви националистички чувства, истакна Ченто.
Во завршните зборови тој рече дека имал понуда за работа во УБК, но одбил иако понудената плата била двојно поголема од онаа во УЈП. Посочи дека нема убаво мислење за УБК бидејќи, рече, знае како поминал прадедо му со УДБА, која, според него, не се разликува со денешнава Управа.
– Од МВР и ОЈО ми беше понудено да бидам заштитен сведок за да не бидам гонет кривично. Тоа нема никогаш да го направам. Бевме сведоци како дел од обвинетите и децата ќе си ги продадат за да ги ослободат, рече Ченто.
Судскиот процес започна во август минатата година и го води Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Процесот започна против 33 обвинети, но согласно Законот за амнестија помилувани беа вкупно 15 лица.