Македонските историчари на претпоследната средба на мешовитата македонско-бугарска историска комисија, предложиле двете земји заедно да го одбележуваат денот на Холокаустот. Копретседавачот на Комисијата, Драги Георгиев, изјави дека бугарските историчари го одбиле овој предлог бидејќи не било време да се разгледува тој период од историјата.
-Беше речено дека кога ќе дојде време за тоа, ќе биде разгледувано. Ние сметаме дека заедничкото чествување на Холокаустот може многу да придонесе во подобрување на односите меѓу двете држави. Еден таков гест од бугарска страна би значело многу за подобрување на односите и за порака до македонското општество дека за некои настани од минатото може многу искрено да се настапи и да значат таков гест на релаксирање на други нивоа во тие билатерани односи – рече Георгиев во интервју за Телма.
Според него бугарските историчари мора да постапат спротивно на изјавите од официјална Софија кои се во насока на негирање на бугарското учество во депортацијата на македонските Евреи.
-Тоа е според мене акт кој неминовно мора да се случи доколку сакаме да бидеме искрени во меѓусебните односи. Бидејќи без такво соочување на Бугарија со тој настан, без разлика колку го покриваат тоа со спасување на бугарските Евреи, кое неминовно се случило, неприфаќањето на чинот кој овде се случил го засенува тој чин таму – рече Георгиев.