Ново, посилно невреме ја зафати Словенија, кое се движи кон југоисточниот дел на земјата а во моментов се наоѓа над Љубљана. Невремето е придружено со обилни врнежи, можни се силни налети на ветер и град, соопшти словенечката агенција за животна средина АРСО.
Најновиот бран невреме кое ја зафати Словенија, почна од Горњи Посочје и стигна до ридовите Пољанска долина, Жир и Полхограј. Невреме со пообилни врнежи при кои се можни посилни налети на ветер и град се движи кон југоисток, пишува АРСО.
По Словенија, водениот бран од реките Сава и Мура стаса и во Хрватска. Цивилната заштита на Хрватска почна да испраќа упатства до населението како да постапуваат.
Денеска е воведена вонредна состојба против поплави поради покачување на нивото на водата до 923 сантиметри кај водомер во Ругвица со тенденција на дополнително зголемување, извести Управата за цивилна заштита.
Вонредна состојба е на сила и за подрачјето поврзано со Мура и Мурско Средишче, каде е забележан рекорден водостој, а вонредни мерки важат за областите: Драва – Ботово; ОК Лоња-Струг – Устав на Превлака; Сава – Ругвица, Устава Превлака и Дубровчак.
Според хидролошкиот извештај на Државниот хидрометеоролошки завод, во текот на денот останува нестабилно време над басенот Драва, Мура и Сава во Хрватска и соседните возводно земји и може да резултира со нови, пообилни врнежи кои можат да влијаат на зголемување на протокот и нивото на водата.