Вуцис за нападот на грчкиот Парламент: Неприфатлива и крајно недемократска постапка

by fokus

Претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис го оцени како крајно недемократски и неприфатлив чин денешниот напад со бои и пиротехника врз парламентарната зграда, за што одговорност презеде анархистичката група „Рубикон“, јави дописничката на МИА од Атина.

– Станува збор за неприфатлива и крајно недемократска постапка, од оние кои се нарекуваат „активистички постапки“, кои никој не може да ги карактеризира така, особено кога се насочени против Парламентот, изјави Вуцис кусо по инцидентот, додавајќи дека ваквите недемократски постапки „не нудат ништо во социјалните борби кои треба да се одвиваат поинаку“.

Претседателот на грчкиот Парламент во изјавата истакна дека ваквите постапки во период на предизборната кампања, ја влошуваат климата.

Вуцис ги информираше новинарите дека групата не фрлила флаери, ниту извикувала слогани, бидејќи веднаш била отстранета од обезбедувањето на Парламентот и од полицијата, чие присуство во делот околу објекотот е дополнително засилено во пресрет на изборите.

Кусо по фрлените бои на зградата на Парламентот, двајцата пратеници од Златна зора, Илиас Касидиарис и Илиас Панајотарос направија самослик со „обоениот“ ѕид.

Во соопштението со кое презеде одговорност за нападот групата „Рубикон“ нагласи дека на тој начин му изразува поддршка на еден од лидерите на терористичката организација „17 Ноември“, Димитрис Куфодинас, кој е осуден на 11 доживотни затворски казни, а од 2 мај штрајкува со глад.

Поврзани новости