Српскиот вицепремиер Александар Вулин денеска изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ не ја одбил поканата на рускиот претседател Владимир Путин да учествува на состанокот на БРИКС и дека двајцата за тоа ќе разговараат во однапред договорен телефонски разговор.
„Русија и Србија се стратешки партнери и тоа никој не може да го промени“, изјави Вулин за РТС.
Тој додаде дека Вучиќ и Путин се пред се пријатели, нагласувајќи дека Србија нема да воведува санкции кон Русија.
Запрашан за изјавите на Путин дека има пад на економската размена и дека е време да се состане Меѓувладината комисија, Вулин рече дека министерот Ненад Поповиќ наскоро ќе има средба со руските колеги.
Вулин додаде дека тоа покажува дека Путин размислува за Србија, бидејќи извозот во Русија за нив е статистичка грешка, а на Србија и значи многу.
„Дали мислите дека ќе ја преживееме оваа зима без руски гас. Мислам дека двајцата претседатели ќе разговараат за ова“, рече Вулин.
Вулин рече дека побарал од руските партнери веднаш да започнат преговори за нов гасен аранжман, да не чекаат март 2025 година, кога истекува договорот, но оти верува дека одлуката на крајот ќе ја донесат претседателите на Русија и Србија, бидејќи тоа не е само економска, туку и политичка одлука.