Вукелиќ, член на нашето евровизиско жири за Копров: Ми викаше пиле мое, само кога требаше да земе пари!

by fokus

Јавното извинување кое копмозиторот Григор Копров и го упати на Србија, бидејќи на Евровизија од нашето жири не добила ниту еден глас, при тоа нарекувајќи ги членовите на жирито анонимуси, предизвика лавина од реакции. И додека дел од јавноста смета дека Копров е во право, дел од граѓаните пак стојат на ставот дека не треба да се гласа по ,,комшиска” линија, туку да се даде гласот за најдобрите, без разлика од која земја доаѓаат.

Најверојатно изреволтиран од објавата на Копров, која тој ја сподели на својот социјален профил, поп пејачот Роберт Вукелиќ, кој беше дел од нашето евровизиско жири, го прокоментирал неговиот став, и му порача на композиторот дека е жално да се плука по своето.

-Колку е жално кога ќе си плукнеме по своето и не се цениме. А, да ве прашам чичко Копров, кога ви беа плаќани песните по 2.000 евра од мене или од спонзорите, кога пеев, тогаш ми викаше, пиле мое, па ти си прекрасен, ќе бидеш најдобар! Сега, кога некој не е присутен на естрадата, веднаш станува анонимус! Постари сте, имам почит, но нека не ве прават среќни само парите кога ќе видите, туку секој збор да ви биде изговорен од срце, а не само кога се во прашање пари, тогаш да сте слаткоречлив со пиле мое, дете мое. Жално е што сме лицемерни и без љубов – му нашиша Вукелиќ на композиторот под статусот со извинувањето за Србија.

Но, набргу по објавата, неговиот коментар беше избришан. Инаку, македонското жири беше во следниот состав: Сузана Стефановска ( музички уредник), Фјола Исмаили (музичар), Роберт Вукелиќ (пејач), Христина Мицковска ( радио диџеј) и Ристо Апостолов (музичар). Дванаесетте поени ги доделило на Италија, десет на Австралија и осум на Албанија. На телевоутингот Србите од нас добиле десет поени. Нашата претставничка Тамара доби 12 поени од Србија. Она што е интересно е дека за српската песна ,,Круна” која ја изведе Невена Божовиќ, аранжманот го направи нашиот композитор Дарко Димитров, кој беше дел и од авторскиот тим на песната ,,Proud”на Тамара Тодевска.

Вукелиќ пак, на јавноста и е познат од пред десеттина години, кога започна да гради музичка кариера и настапуваше на повеќе домашни фестивали. Потоа ја прекина кариерата и се ожени со нашинка од Германија која ја запознал на социјалната мрежа Фејсбук. Се пресели во Германија, но набргу се разведе и се врати назад. За ,,Фокус” вели дека Евровизијата треба да биде забава, а не војна и политика, и како не треба да се плука по своето.

-Да, јас го напишав сега веќе избришаниот коментар на профилот на Копров, но немав лоша намера, само треба да го почитуваме тоа што е наше и вреди, а јас сум се повлекол од естрадата. Но, останатите се навистина одлични луѓе, професионалци во доменот на уметноста музиката! Не може да си плукаме на своето, а кога од тука секој заработува и од ова парче земја, какво е, такво е, наше е. Жално е кога немаме љубов, па да се потценуваме и умилкуваме. Ова е Евровизија и е забава, а не е војна и политика, јас се изјаснав, сите ги сакам соседи, без разлика на националност и сличност, но не е еден во жирито, секој има свој вкус на гласање! Тоа што мислев јас и ми се допаѓаше, не значи и на другите исто и обратно . Малку да застанеме и да си го сакаме своето, без национализам, со љубов кон сите – ни ијзави Вукелиќ.

Тој повеќе активно не се занимава со музика, и вели дека се пронашол во сосема друг правец. Сепак, левото ќе промовирал нова песна, бидејќи музиката останала негова голема љубов.

-Водам организацијата за патувања во Бигорскиот Манастир, и патуваме низ цел Балкан професионално. Оваа група има постојано хуманитарни акции каде што се помага на луѓе кои им е потребна помош и преубаво е, исполнет сум до максимум. Летово ќе промовирам нова песна, чисто од љубов кон музиката, трендовска нумера, малку поразлична од она што во минатото сум го снимал, во придружба со мој братучед – ни раскажа Роберт.

Вики Клинчарова

Поврзани новости