Горан Гавриловиќ – вујкото на обвинетиот масовен убиец од Србија – Урош Блажиќ денеска е ослободен од обвинението за недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, а неговиот син Борис Гавриловиќ (20) е прогласен за виновен за ова дело и е осуден на казна затвор во прв степен од една година и шест месеци.
Затворската казна на Гавриловиќ ќе го опфати и времето поминато во притвор.
Ова е првостепената пресуда на Вишиот суд во Крагуевац во постапката против Горан Гавриловиќ и Борис Гавриловиќ од селото Вињишта кај Крагуевац, вујко и братучед на Урош Блажиќ, обвинет за убиство на девет и повреди на 12 лица, на ноќта меѓу 4 и 5 мај минатата година, кои ги изврши во селата Дубона и Мало Орашје.
Вишото обвинителство и одбраната на обвинетите имаат право на жалба на првостепената пресуда до Апелациониот суд во Крагуевац во рок од 15 дена.
По масовното убиство и ранувањето на жителите на Дубона и Мали Орашје, Блажиќ побегнал и се скрил во една од куќите на неговите роднини Гавриловиќ во селото Вињиште кај Крагуевац, каде што бил уапсен во раните утрински часови на 5 мај минатата година.
При претресот на нивното домаќинство, полицијата пронашла поголема количина оружје, муниција и мини-експлозивни направи.
Судењето на Урош Блажиќ поради безбедносни и технички услови беше преместено од Вишиот суд во Смедерево во Специјалниот суд во Белград, а на неговите роднини од селото Вињишта поради месна надлежност им се суди во Вишиот суд во Крагуевац.