Текстот е објавен на први ноември 2013-та во неделникот „Фокус“ во бројот 943
„Јадранка, избори се добиваат со две третини пари под маса, а со една третина на маса“, со овие зборови во 2009 г. Иво Санадер го извршил примопредавањето на функцијата на неговата наследничка на челната партиска позиција во ХДЗ, Јадранка Косор. Се разбира, покрај клучната формула за победа – пари, пари и пари, експремиерот ѝ предал и два милиони куни и уште 300.000 евра! Тие, де, од под маса!
Ова деновиве пред хрватскиот суд го раскажа Младен Баришиќ, задолжен за финансиите на ХДЗ и ексшеф на царината. Со оглед на фактот дека „ризничарот“ не е единствениот кој „пропеа“ за партиските црни фондови, останува да веруваме во неговото сведоштво. Всушност, Санадер во интимното партиско друштво тогаш ја искажал најголемата предизборна мудрост – победува тој што има повеќе пари. И на маса и особено под маса!
Неодамна, во чест на 5 октомври, денот кога во 2000 година падна режимот на Слободан Милошевиќ во Србија, одгледавме уште еден документарец. Сега веќе отворено се раскажуваше како лидерите на ДОС носеле торби со кеш пари од Унгарија од странските „донатори“.
Деновиве слушнав и дека социјалистот Еди Рама формулата за победата на неодамнешните парламентарни избори во Албанија против Сали Бериша ја срочил во неколку збора: имавме повеќе пари од нив!
И Никола Груевски е достоен примерок за истата теза. Во 2006-та, на парламентарните избори, најскапа кампања имаше токму опозициската ВМРО-ДПМНЕ под негово водство. Пријавија официјално „на маса“, нели, околу 77 милиони денари. Владејачката СДСМ, пак, истрча само со околу 52 милиони! И тоа беше куриозитет- партијата што имаше блокирана жиро-сметка, по кавгите и разидувањата со Љубчо Георгиевски, успеа да собере повеќе пари од владејачката СДСМ! Е вакво нешто денес е невозможна мисија! Се разбира, благодарение на „светиот надзор“ од владејачката ВМРО-ДПМНЕ!„РАМБО ПОРУЧУЈЕ“
И доаѓаме до поентата, како СДСМ и коалициските партнери ќе имаат шанси за победа, кога немаат теоретски, а ни практични можности да соберат ако не повеќе, ама барем приближно пари колку и ВМРО-ДПМНЕ. Секој нареден изборен циклус контото им е сѐ попосно. Разбирливо, благодарение на владата. Груевци оставија доволно „дела“ за ваквиот негативен финансиски тренд кај политичкиот душман.
Прво, треба секогаш да имаат на ум како Љубе Бошкоски заврши во затвор за пари од полициски пријател! Да, само таков дава пари на најголемиот лузер на изборите, патем обележени од полицијата! Згора на тоа, партал ги беа сториле сосе кривични пријави, што подигнаа кредит од банка за изборна кампања во 2011 г. Значи, опозиционерите не смеат да се надеваат ни на опцијата „повикај пријател“ – зашто тој може да е полициски „френд“, ниту, пак, помош од публиката да бараат.
И доколку овие лекции не допреле до „непријателот“, за секој случај ќе удрат ударнички уште троа акции за памет на опозицијата. Еве, неколку месеци агитпропот на владејачката партија, која контролира сѐ што мрда во државава, е здадена да нѐ просветли дека нејзините десетици и десетици милиони евра фрлени за сите шест-седум изборни победи, и уште толку за секојдневна партиска живејачка се чисти како Света Пречиста Богородица!
А како ја остварува оваа света мисија? Така што се втурна да ги лоцира единствените коруптивни жаришта за финансирање една партија. Не, тоа не е најбогатата, тешка десетици милиони евра, ВМРО-ДПМНЕ. Корупцијата (не)нормално е лоцирана од искона, бре, сал во СДСМ. Согласно етиката преродбеничка, Македонија има мака само од фамилијарните бизниси на Зоран Заев, активностите на Зоран Дамјановски Циц за партиски донации, ем Андреј Жерновски преку рекламите за општинските отчети!
Особено ме разнежни најновата „курирска“ реакција дека новиот претседател на кумановските сдсмовци почнал „со тероризирање и со рекетирање невини граѓани и вработени во јавните претпријатија“. Рекетирал невини граѓани!? Да беа виновни, ќе беше во ред!? И тоа не е се, „часна и поштена“ преродбеничка групировка ќе дојде до реформско сознание- „испумпување општински пари на граѓаните се случувало и во Општина Струмица, каде што роднини на Заев што добивале тендери од општината биле потоа „донатори и финансиери на СДСМ“! Конечно, ете, кај „дупи госпон Виќа“!?
И ако на овие „дупешки“ се придодадат жалопојките за коруптивните „нагони“ на градоначалникот на Центар, ем кога можат со леснотија да одземаат лиценци на агенциите преку кој Жерновски ангажира луѓе во општината, а фирмите бегаат од тендери да не бидат ставени под клуч, тогаш јасно е што „Рамбо поручује“. Да нема јунак кој ќе се јави како донатор на опозицискиот фронт! Затоа се впрегнале како вуду-куклички да ги бодат ли бодат, за да не преживеат!
Србите велат „ко о чему, курва о поштењу“! Последниве месеци најтренди за груевци е да држат лекции за етика и морал. Уште повеќе, да се згрозуваат од лицемерие и двојни принципи кои, пак, по природа и општество ги врзуваат за СДСМ. Да сме на чисто, не се дечките од Бихачка ангели зашто прагревот е на нивна совест. „Аминтиве“ само го проширија и го надградија нивниот терк. Ама она што најмногу иритира е што тоа сакаат да ни го шитнат како реформа. Со парите што ги фрлаат за перење мозоци, веројатно и успеваат кај дел од „рајата“!ШТО ЗНАЕ ДЕТЕ ШТО СЕ СТО КИЛА!
Но, ако се толку морални, би било морално да искажат троа сомнеж и малку грижа и за начинот на кој одат тендерите и во општините каде што владеат градоначалниците од ДУИ! Вмровските нека не ги гибаат, тие по дефиниција се невини ѓоа бебенца! Доколку етиката им беше силна страна, ќе се вознемирија и од милиони евра што од „нивниот“ Центар се одлеал за патувања во Фиренца. Ако од дволичноста им се збурбатува, најпрвин ќе објаснеа како медиуми кои се најголемите добитници од владините рекламни евра, потоа константно се милионски донатори за избори на ВМРО-ДПМНЕ. Случајно, пак, ако принципиелноста е вмровското второ Јас, ќе најдеа логична формула според која секретарки, чувари, учителки, земјоделци, без мака донираат по илјада евра за избори за нив.
Да потсетам, дел од ваквите донатори што ги има контактирано „Фокус“, поим немаа колку донирале или дека воопшто донирале! Што знае дете што е сто кила!? И сега „децава“ раскажуваат бајки за етика и дволичност, за неселективност и правна држава! Не и не, тие се пенават сега, а осма година ќе раситнат на власт, дека загрозата доаѓала од Струмица, Куманово и Центар! Имаше една симпатична мисла Кили за вакви моронштини! Ама не е пристојна, а тој е во притвор.
Ќе потсетам само уште на неколку бисери, кои ова ДПМНЕ го отсликуваат уметнички, оригинал – масло на платно. Во 2009 година, кога имавме двојни избори, СДСМ за локални избори пријави 8,5 милиони денари. Коалицијата предводена од Груевски, пак, само за медиумско претставување реферираше исто 8,5 милиони ама евра. Да, тука беа искалкулирани и локалните и претседателските спотови, ама разликата од денари и евра е драматична. Уште повеќе, што од тие 8,5 милиони евра, дури 6,5 милиони евра ВМРО-ДПМНЕ доби „частовка“ од четирите главни национални телевизии. А СДСМ „дури“ 140.000 евра собра за локалецот! Хм, спомена некој фер избори!?
Ај уште едно потсетување. Екс градоначалникот на Аеродром Кирил Тодоровски, за „Фокус“ раскажуваше како за партијата уплаќале пари 2005 г. пред избори на жиро-сметка во Бугарија. Потоа, како од ВМРО-ДПМНЕ го терале да потпишува договор со одредени агенции за рекламирање за огромни пари, а и кој носел кеш пара за изборите. Но, наместо да го пикираат за „заштитен сведок“, тие го уапсија! Ептен, принципиелно, нема што! Та не е Љубе во игра!
Значи, целата енергија на преродбениците сега е вперена да се затне секоја можна славина за евентуално финансирање на изборната кампања на опозицијата. Истовремено, ја дефокусираш јавноста од твоите финансии, што е „ики ќеф“. Тие знаат дека парата е клучот на победата. Треба да бидат благодарни на Бучко и на Бранко што им овозможија таква ексклузива во 2006 како опозициска партија, а, сепак, им се на список за апс. Како што не ги задоволува што освоија, без оглед како, 98 отсто од локалната власт, длабоко се несреќни доколку воопшто опозицијата добие и цркавица од донација.
Врти-сучи, сѐ е во парите. Власта да лапне кредит како пред секои избори со кои може да усреќи социјалци, пензионери, земјоделци, административци, да се купат гласови, а за кампања и пропаганда нема зима за нив. Бизнис-заедницата со аплауз ќе помогне! И, за волја на вистината, груевци можат да си уживкаат во овие „придобивки“ додека левичарите оправаат„ криви Дрини“ за тактиките, со меѓусебно вербално масакрирање. „Сулејман Величествениот“ може вода да им носи! Според гледаност и лајкови, де! Величествени се!
П.С. Црните фондови и парите под маса на ХДЗ се процесуираа кога Санадер стана експремиер. Сега дури го судат, и тоа без заштитени сведоци. Си пропеаја сите до еден. Зошто молчеле седум години, ај погодете!?