Вучиќ за „Ројтерс“: Приштина да направи отстапки за Србите да учествуваат на нови избори

by Fokus

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Приштина мора да направи одредени отстапки за Србите да учествуваат на нови избори на северот на Косово и Метохија.

Според него, Србите на северот на Косово и Метохија се секогаш подготвени за разговори, но за возврат мора да им се понуди нешто.

„Сите Срби на север веруваат дека Србија е нивна земја, а не Косово. Тоа е реалноста“, рече Вучиќ во интервју за „Ројтерс“.

Тој посочи дека Заедницата на српските општини се уште не е формирана, а косовските специјалци и албанските градоначалници се уште не се повлекле.

Одговарајќи на обвинувањата на косовската претседателка Вјоса Османи која го обвини Белград за мешање во изборниот процес на северот на Косово, Вучиќ рече дека „тоа што овие луѓе го зборуваат е застрашувачко“.

Тој рече дека косовскиот премиер Албин Курти не е подготвен за компромис.

„Сигурен сум дека Курти нема да вложи ниту една минута од своето време, ниту капка пот за да најде компромисно решение“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека српската армија ќе остане во состојба на висока готовност, а не во состојба на највисока борбена готовност „бидејќи многу чини“.

Тој додаде дека Србија е во преговори со Франција за купување на борбени авиони „Рафал“, како и за натамошно зајакнување на својата армија со западно оружје.

Поврзани новости