Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ги обвини црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и косовскиот премиер Албин Курти дека шират „соголена омраза кон Србите и Србија“ и дека имаат најизразена улога во кампањата на лаги против официјален Белград, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ во обраќањето преку порталот на дневниот весник Информер кажа дека кампањата за „жигосување на Србија“ од одредени центри на моќ и делови од регионот интензивно се спроведува во последните шест месеци.
-Не од вчера, најизразена улога во соголената омраза кон Србија ја имаат Албин Курти и Мило Ѓукановиќ. Се разбира, тие секогаш користат голи лаги за да се претстават како наводни жртви, а Србија како злобен агресор кој им се заканува, изјави Вучиќ.
Тој изјави дека тие двајца сега го искористиле „легитимното, целосно регуларно и транспарентно“ купување на одбранбениот кинески систем за противвоздушна одбрана ФК-3 за да му кажат на целиот свет дека Србија е кинески и руски пријател и некому му се заканува, иако се наоѓа во НАТО опкружување.
-Како тоа ние ги загрозуваме со одбранбено оружје? Затоа што тоа е систем кој служи за одбрана од крстосувачки ракети и авиони кои би го нарушиле воздушниот простор на Србија. Како тоа ние ги загрозуваме Приштина и Подгорица? Какви воздухопловни сили имаат, подобро ќе ни беше да купевме аутан-спреј, кажа тој.
Вучиќ ги критикуваше тврдењата на Курти дека Србија го купила тоа оружје затоа што е во паника да остане сама.
-Србија како воено неутрална земја е сама во целиот поширок регион. Во циркус сте виделе лавови, слонови, тигри, но никогаш волк самотник. Секогаш би бил волк самотник отколку бесрамна и неморална хиена, без разлика колку хиени има. Без разлика дали има три, пет, шест или 19… Хиени, барем треба да ја признаете крвожедноста, ако ништо друго. Уште полошо е да се биде мува која се врти околу хиената и чека да им донесе плен, како Курти и Ѓукановиќ, остро порача Вучиќ.