Вучиќ: Власта на Груевски му одобри на Живаљевиќ да влезе во Собранието на 27. Април

by fokus

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, потврди дека агент на српските тајни служби бил присутен во Собранието за време на крвавиот четврток и рече дека тоа го одобрила власта на Никола Груевски. Новата Влада побарала од него да го повлече Горан Живаљевиќ од службата во Македонија, по што Вучиќ го направил тоа, но рече дека ова не е причината за заладување на односите меѓу двете земји.

-Јас сега сакам да откријам нешто околу кое цело време молчевме. Тој Живаљевиќ не отишол во Собранието сам од себе, ниту ме прашал мене или прашал било кој од овде, иако нам мора да ни полага сметки. Тој ги прашал највисоките претставници на извршната власт во Македонија, највисококо раководство и рекол дека сака да биде таму. И они беа запознаени со неговото присуство таму – рече Вучиќ во интрвју за националната телевизија РТС.

Живаљевиќ, припадник на безбедносно информативната агенција на Србија, рече Вучиќ, бил искористен за хајка и кампања против Србија во земјава.

Вучиќ не појасни која е причината за дипломатскиот спор по повлекувањето на персоналот од српската амбасада, но се задржа на можноста Косово да влезе во УНЕСКО и ставот на Македонија по ова прашање. Рече дека односите ќе бидат влошени доколку Македонија го поддржи Косово.

– Пробуваат да направат политичка ситуација во која Србија не сака да биде вовлечена. Како знаев дека ќе го променат својот став за УНЕСКО. Они знаат што се знаеме, ова беше начин да им кажеме знаеме се што правите, ве молиме немојте, иако сте признале Косово и ќе гласате за прием на Косово во УНЕСКО – одговори Вучиќ по однос на претходно дадената изјава на министерот за надворешни работи, Дачиќ, кој упати порака до Македонија со зборовите „знаеме што сте договорил“.

-Дали нашите односи ќе бидат на највисоко ниво, тешко, но ќе бидат пристојни. Наша работа е да разговараме, најважна е економијата. Спртивно на волјата на земјите на ЕУ, ја признавме Македонија под уставно име, но не можете да ја понижувате Србија, тоа нема да го дозволиме – додаде српскиот премиер.

Тој им порача на граѓаните да бидат мирни и без паника, дека никој не сака судир, но дека мора да го заштити образот на Србија. Србите и Македонците, рече тој, се блиски и пријателски народи, без разлика какви се моменталните органи на власт во двете земји.

М.В.

Поврзани новости