Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека убиството на Оливер Ивановиќ е терористички акт и дека Србија кон тој акт така и ќе се однесува.
Обраќајќи им се на медиумите после седницата на Советот за национална безбедност, одржана по убиството на Ивановиќ, Вучиќ рече дека во име на државата Србија, во свое име и во име на Владата, изразува сочуство кон фамилијата на Ивановиќ.
-Извршителите на овој акт ќе бидат фатени, ако не ги пронајдат оние кои мораат, ние ќе го направиме тоа – изјави српскиот претседател.
На седницата на Советот, рече Вучиќ, било договрено и испратено писмо до органите на Еулекс и Унмик со барање државните органи на Република Србија да учествуваат во истрагата која ќе се спроведе на територијата на Косово и Метохија.
-Уверени сме дека тоа ќе значи и откривање на вистината за убиството на Ивановиќ. Немам овластување во овој момент да ги пренесам сознанијата со кои располагам. Нема да шпекулирам, но има интересни детали кои укажуваат на можните извршители – рече Вучиќ.
Тој повтори дека нема да ги коментира шпекулациите, но дека убијците оставиле одредени траги. Вучиќ рече дека делегацијата на Србија во Брисел ги прекинала разговорите во рамки на дијалогот, затоа што, посочи, бесмислено е да се разговара под секојдневни закани. На Кадри Весељи, кого го нарече господар на Косово, му порача дека нема да стигне до Ниш, како што се заканувал.