Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ги праша властите во Приштина и „оние кои и помагаат“, кој меѓународен договор мислат да го почитуваат во односите со Белград и што всушност сакаат од Србија. Тој воедно најави и дека Владата в четврток ќе донесе одлука да испрати барање до КФОР за испраќање српски сили во Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
-Кажете ми кој документ сакате да го почитуваме и ние ќе го почитуваме. Не ви требаат сите, еве ви шведска маса. Го сакате Кумановскиот договор, Повелбата на ОН, Резолуцијата 1244, Бриселскиот договор или Вашингтонскиот договор. Но, не ни кажувајте дека никој од тие пет не сакате да ги почитувате. Ниту Приштина, ниту тие што и помагаат. Кажете веќе еднаш што сакате од оваа земја, праша Вучиќ на прес-конференција во Претседателството на Србија.
Тој најави дека в четврток, по седницата на Владата, ќе биде испратено барање до командантот на КФОР да се овозможи враќање на српските воени и полициски сили во Косово и дека тоа е причината што тој се уште не одговорил на тоа, критикувајќи го отфрлањето на барањето што дојде од германската министерка за надворешни работи Анелен Бербок како лицемерие.
-Велат дека во Приштина не постои влада што ќе формира Заедница на српски општини. Што ми е гајле? А во Белград треба да има влада што ќе и дозволи на Приштина да стане членка на ОН. Па дали сте вие реални? – праша Вучиќ.