Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска се потсмеваше на поканата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој побара од Генералното собрание на ОН да ја признае независноста на Косово и ја критикуваше меѓународната заедница дека нема исти стандарди за територијалниот интегритет на Србија и Украина.
Косово, по распадот на Југославија и воените конфликти во доцните 90-ти, прогласи независност од Србија во 2008 година, што официјален Белград не ја признава, повикувајќи се на националниот устав според кој Косово е суверен дел од територијата на Србија.
Независноста на Косово не ја признаваат околу стотина членки на ОН, меѓу кои Кина и Русија како постојани членки на Советот за безбедност, пет земји-членки на Европската унија и Ватикан, како и Босна и Херцеговина од земјите од поранешна Југославија.
Во својот говор во ОН, Милановиќ изрази загриженост за последните настани во односите меѓу Косово и Србија и повика на деескалација на тензиите, но и на универзално признавање на Косово како рамноправен член на меѓународната заедница.
„Еве ги гледам овие 100 земји наредени да го слушаат Зоран Милановиќ, сите се туркаат. Таму велат: „Ние бевме поканети од Милановиќ, па стоиме да потпишеме за независно Косово“. Жабата виде дека коњот го коваат, па мораше да каже нешто за тоа“, изјави вечерва во Њујорк српскиот претседател Александар Вучиќ, а белградските медиуми го цитираат неговиот коментар на повикот на Милановиќ.
Во својот говор на Генералното собрание на ОН, Вучиќ истакна дека пред 15 години западните земји „брутално ја прекршиле Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН“ со бомбардирање на територијата на тогашна СР Југославија и дека денес повикуваат на важноста за зачувување на територијалниот интегритет, алудирајќи на Украина и поддршката што ја има во меѓународната заедница.
Тој рече дека во 1999 година 19 земји извршиле агресија врз Србија и дека сите тие денес зборуваат за територијалниот интегритет на Украина.
Вучиќ рече дека Србија ќе продолжи да го поддржува територијалниот интегритет на таа земја бидејќи не ги менува своите принципи „без оглед на вековното пријателство со Русија“, како и дека го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на сите членки на ОН.
Србија одбива да се приклучи на меѓународните санкции против Русија.
„Секое насилство за нас е исто, без разлика кој го врши. Кога прашуваме за територијалниот интегритет на Србија, одговорот е не се враќајте во минатото, гледајте во иднината, бидејќи само така вашата земја ќе напредува“, рече Вучиќ.
Вучиќ потсети дека американскиот претседател и во ОН рекол дека најважниот принцип на односите меѓу земјите е почитување на територијалниот интегритет и суверенитет, а во исто време го признава Косово како независна земја, иако е создадено со отцепување.
Вучиќ дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ и поддршка на САД го окарактеризира како монолог на Приштина, нагласувајќи ја подготвеноста на Србија да се „промени и напредува на својот европски пат“.