Српскиот претседател Александар Вучиќ се фали, но веројатно ни тие не би можеле да го соборат дронот, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ за изјавите на Вучиќ и дали Србија би можела да го собори леталото кое минатиот четврток се урна во Загреб.
-Тешко е да се контролира небото седум дена во неделата. Тоа веројатно никој не го прави. Тоа како во случајот со ова беспилотно летало, прашање е кој тоа во реално време би успеал да го собори. Тоа што (српскиот претседател Александар) Вучиќ се фали, веројатно ни тие тоа не би можеле да го соборат, рече Милановиќ.
Српскиот претседател Вучиќ вчера за дронот кој падна во Загреб кажа дека верува дека военото воздухопловство и противвоздушната одбрана на војската на Србија би го собориле леталото.
-Некои немаат со што, а ние ги имаме најдобрите воздушни ракети, секој ден и секоја вечер имаме воздушна контрола на нашето небо. Не смее да се пушти што било на кој било начин да ги загрози нашите граѓани. Хрватска има извонредна копнена војска, во оклопни возила се многу подобри од нас, но во моментов се послаби во воздухопловството и противвоздушната одбрана, затоа купија 12 авиони „рафал“, кажа српскиот претседател.