По една деценија молк во односите помеѓу Србија и Албанија, би рекол дека токму јас и Еди Рама започнавме да го менуваме лошото политичко наследство и мислам дека во последните години со конкретни резултати покажуваме дека Србите и Албанците може да одат напред и да соработуваат, рече српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со албанскиот премиер Еди Рама во Белград.
-Доколку се погледнат бројките и нивото на трговска размена во периодот 2019-2020г. ќе видите колку значително е зголемена нашата соработка, увозот и извовот од едната во другата земја. За сето тоа можеби е заслужен и „Отворен Балкан“ но и подобрените политички односи – рече Вучиќ.
Тој го поздрави процесот на ангажирање на Албанија за регионалните прашања но и Берлинскиот процес и кажа дека секогаш ќе подржува активности кои се за доброто на регионот со што ќе се зголеми и подобри соработката и процесот на помирување по наследените проблеми од минатото.
-Ќе се заложиме за реализација на плановите за регионалниот пазар и знам дека Рама ќе ја вложи својата енергија за периодот кој ни претстои. Што се однесува до „Отворен Балкан“, ние заедно со Албанија ја почнавме оваа иницијатива и таа ни донесе корист за сите наши граѓани, и понатаму ќе може да донесе подобар стандард за сите наши граѓани – истакна Вучиќ.
Рама, пак, изјави дека никој не би требало да го потцени ризикот од ескалација на тензиите и се надева дека нема да дојде до ситуација кога одредени наоружани движења би ги преземале работите во свои раце, бидејќи тоа би ги довело двете земји во ситуација како што е регионот Донбас, односно формирање на територија во регион која би направила проблеми од незамисливи размери.