Распишување локални избори на северот на Косово, враќање на Србите во полицијата и правосудството и повлекување на специјалните полициски сили на Косово од северот – ова се дел од клучните барања на официјален Белград кои денеска ги изнесе српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќање до јавноста.
Исполнувањето на барањата, како што вели Вучиќ, е неопходен предуслов за значаен напредок во процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина. Тој најави дека Белград ќе започне „глобална дипломатска кампања“ за да ги исполни барањата.
-До крајот на ноември ќе имам средби со 60 светски лидери, премиери и претседатели и на сите ќе им ги покажам фактите за Косово – рече Вучиќ.
Косовскиот премиер Албин Курти, пак, изјави дека Вучиќ во координација со Русија, подготвува нови закани и ултиматуми за Косово.
Во објава на неговата страница на Фејсбук, непосредно пред најавеното обраќање на Вучиќ на српската јавност во врска со состојбата на Србите во Косово, Курти рече дека „ужасните злосторства што Србија ги изврши во Косово пред 25 години, денес Русија ги повторува во Украина и имаат за цел да се вратат во регионот на Балканот“.
„Пристапот на Владата во Србија кон Косово е многу депресивен. Првично, неказнивоста и пропагандните кампањи беа нормализирани. Сега тие имаат за цел да ги нормализираат паравоените и терористичките напади (Бањска, 24 септември 2023 година), заканите и ултиматумите, кои се оправдуваат со лажни вести и кампањи за дезинформации, пред очите на демократскиот свет“, напиша Курти.
Косовскиот премиер порача дека „Косово е посилно од кога било досега“ и дека не се плаши од заканите.