Претставници на повеќе од 100 држави ќе се соберат во Белград, кој денеска и утре е домаќин на Самитот на неврзаните, што се организира по повод 60 години од одржувањето на првата конференција на движењето. Југославија беше еден од основачите на оваа меѓународна организација, која се појави во екот на Студената војна како противтежа на спротивставените блокови предводени од САД и Советски Сојуз.
На првата конференција на Движењето на неврзаните, одржана во Југославија во септември 1961, учествуваа 25 земји. Конференциите потоа се одржуваа на секои три години и движењето денес брои 120 членки и 17 држави-набљудувачи, меѓу кои не е Македонија.
-Тоа што Белград повторно ќе ги собере неврзаните земји е потврда на угледот на Србија во светот и нашите граѓани треба да бидат горди поради тоа. Ова е можност за сите слободарски земји кои водат своја политика, сакаат да соработуваат и никого не угнетуваат да направат план и програма за иднината и да соработуваат многу подобро“, кажа српскиот претседател Александар Вучиќ.
Министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ вели дека стратешката цел на Србија е членство во Европската Унија, но земјата притоа не се откажува од своите традиционални пријатели.
Тој додаде дека на самитот ќе учествуваат 105 држави и 11 меѓународни организации со повеќе од 550 делегати. Првпат во улога на набљудувач ќе биде Русија, што ќе ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
-Најболната борба е решавањето на прашањето на Косово и Метохија и одбраната на територијалниот интегритет на земјата. И покрај предизвиците, Србија е посветена на компромисот за да се зачува безбедноста во регионот. Дијалогот нема алтернатива, а поддршката од меѓународната заедница е клучна. Србија е почестена што ја игра улогата која ја играше СФРЈ. Горди сме што како воено неутрална земја стремиме кон ЕУ, а истовремено јакнеме на развојот на пријателствата со африканските и азиските земји. Тоа е наше богатство и наша сила, кажа Вучиќ.