Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека утре ќе отпатува за Њујорк, каде со делегацијата ќе се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница, која наредната недела е на дневен ред на Генералното собрание на ОН, а амандманите кои Црна Гора ги поднесе на резолуцијата ги нарече „валкана игра“.
-Утре одиме во Њујорк, четири до пет дена ќе поминеме во Њујорк, ќе имам голем број средби, а во четврток сите заедно ќе се бориме – истакна денеска Вучиќ во телевизиско интервју.
Тој рече дека со него во делегацијата треба да одат само оние кои се „подготвени за борба на секој можен начин“.
Предлагачите на нацрт-резолуцијата за Сребреница ја утврдија конечната верзија на тој документ, за кој ќе расправа Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) на 23 мај, а во преамбулата на текстот стои дека „кривична одговорност според меѓународното право за злосторството геноцид е индивидуализирана“.
Иницијатори на предложениот текст беа Германија и Руанда, а амандманите на нацртот беа поднесени од Владата на Црна Гора.
Осврнувајќи се на амандманите што Црна Гора ги достави на резолуцијата за Сребреница, а кои главно беа прифатени, Вучиќ тоа го нарече „валкана игра“.
-Тоа е валкана игра и перфиден трик. Тие намерно оставаат простор за јасен заклучок за морална и политичка одговорност – рече Вучиќ.